Tajното „Возвишено здружение на бифтеците“ кое постои и денес

Уште од 17 век, низ Европа почнале да се формираат ексклузивно машки клубови, со комбинирана цел - јадење месо и ширење патриотизам. Најактивни биле оние од Британија, квази-масонски здруженија со театрални ритуали, кои иако денес се масовно критикувани, сè уште се одржуваат.

Ексклузивните здруженија во кои членувале исклучиво мажи долго време комбинирале јадење и политичко истомислеништво. Примери за тоа се Клубовите на дебели мажи од 19 век во САД (за кои пишувавме тука), чии членови се мрселе со печени прасиња додека се вмрежувале со некои од најмоќните луѓе во земјата (вклучувајќи го и поранешниот претседател Вилијам Х. тафт) или „токос“ од северна Шпанија, во кои баскискиот национализам се хранел со „сукалки“ (чорба со месо) и „шулетон“ (печени ребра).

Денес, здружението Пирс Гавестон од Универзитетот Оксфорд продолжува со необичните ритуали на вечери, обвиткани во скандали како оној кој го вклучува поранешниот премиер Дејвид Камерон и едно сирото прасе (сте ја гледале епизодата од „Блек мирор“ која си поигрува со оваа тема?).

Во Британија овие здруженија ја доживеале својата кулминација во 1700-тите. Во 18 век, пак, доминирало Возвишеното здружение на бифтеци, основано во 1735 од театарскиот продуцент (тогаш - импресарио) Џон Рич. Тоа не било единственото посветено на бифтеците, но станало најпопуларно и продолжува да функционира како најстарото во Британија. 

Историчарот Волтер Арнолд во својата книга „Животот и смртта на Возвишеното здружение на говедските бифтеци“, пишува дека клубот изникнал од полежерните вечеринки со многу вино помеѓу Рич и Џорџ Ламберт, театарски сценограф. Во нив учествувале различни уметници, меѓу кои и познати сликари од тоа време. Секоја сабота членовите се собирале во лондонскиот театар Ковент гарден, а нивните гласови се обединувале во химната на клубот:

“A nobler flight the Goddess takes / To praise our British Beef in steaks / A joyful theme for Britons free / Happy in Beef and Liberty.” 

Низ годините, веројатно поради поголема тајност, друштвото се преселило во „благородничка соба“ над аудиториумот. Тие имале посебен готвач, кој почнувал со подготовка во 2 после ручек, за бифтеците да бидат готови до вечера. Ова, како и други симболи и однесувања претставувале дел од „елабориран сет псевдомасонски церемонии“. Имало место за само 24 мажи, а дури и Џорџ Четврти, принцот од Велс, морал да си чека на ред. Новите членови минувале низ театрални иницијации, со заклетва и бакнување на говедска коска, облечени во „апсурдни“ облеки. 

При обичните состаноци членовите се облекувале поформално, но на копчињата им било испишано мотото - „Говедско и слобода“. Така парчињата месо се поврзувале со патриотизмот, особено во контекст на војните од 18 век против „јадачите на сирење или пилешко“ - Французите. Идејата дека секој ден може да се јаде месо била поврзана со чувството на изобилие и просперитет. 

Така е и денес, иако постоечките здруженија на јадачи на бифтек наидуваат на критики од сите страни. Родовата нееднаквост и консумирањето месо сè уште главен дел од неговото постоење, а од британските медиуми често се опишуваат како „магнет за фантазери, плутократи, откачени ликови и корумпирани бизнисмени“.

извор

20 март 2024 - 09:36