Кога ни поставуваат прашање во просек ни се потребни 200 милисекунди да одговориме. Ова е толку брзо што не можеме ни да ја слушнеме паузата помеѓу прашањето и одговорот. Всушност, ова се одвива побрзо дури и од тоа колку ни се брзи мозоците. На овој орган му е потребна само околу половина секунда да ги активира зборовите, што значи дека додека некој зборува другиот е веќе на низок старт. Со слушање на содржината и тонот на соговорникот можеме да претпоставиме кога тој ќе направи пауза.
Ова лингвистичко „танго“ кое се води додека луѓето зборуваат едни со други е она што Н. Џ. Енфилд, професор на Унвиерзитетот во Сиднеј, го нарекува „конверзациска машина“. Во неговата книга „Како зборуваме“ (ноември 2017), тој истражува како разговорните „трошки“ - пополнувачките зборови како „хм“, „мм“, „аа“ и паузите кои се подолги од 200 милисекунди ги подмачкуваат запчаниците на оваа машина. Всушност, како што вели во интервју за Атлантик, овие мали „сообраќајни знаци“ ја дефинираат човечката комуникација, бидејќи ги има во сите јазици.
Какво и да е одложување на реакција во разговор, или прибегнување кон дигресии, може на соговорникот да му испрати невербални сигнали и да биде сфатено на различни начини. Оттаму разговорот секогаш функционира на две нивоа. Првото е она на муабетот што го водиме, а второто е повеќе „мета“ ниво, на кое го набљудуваме самиот разговор и евентуално го насочуваме таму каде што сакаме да се движи.
Така, јазикот станува алатка за координирање на заеднички дејства, од пренесување мебел па до политичка акција. Но истото важи и за координацијата на самата активност на користење на јзикот. Можеби се договараме што ќе правиме следниот викенд, но истовремено ги користиме и ги читаме сите оние сигнали кои ја координираат активноста на самото зборување. Испраќаме пораки од типот „Чекај, да се доискажам“, „Да, уште те слушам“ и сл.
Еден од начините да се одложи одговорот на тешко прашање додека не ги најдеш вистинските зборови е да употребиш такви кои се неутрални и кои можат да се вметнат каде и да е во реченицата. Оттаму и толку „хмкање“ и „ммкање“, кое всушност значи „Те молам почекај, знам дека времето тече но не сакам да седиме во непријатна тишина“.
Втора причина за користењето вакви „зборови за пополнување празнини“ можат да бидат таканаречените „непосакувани одговори“. Ако некој те викне на кафе, најбрзиот одговор е „Ај!“. Но ако заради нешто повикот мора да се одбие, прво настапува непријатноста од истото, а потоа (најчесто) учтивото одбивање. Наглото викање „Не, не можам“ е можеби лингвистички ефикасно, но може да звучи премногу грубо.
Начинот на кој ракуваме со ваквите мали одложувања покажува колку сме чувствителни на тоа што тие значат. Само една секунда е границата на нашата толеранција на тишина. Потоа или претпоставуваме дека соговорникот нема воопшто да одговори или почнуваме да го препрашуваме што е работата. Ако некој започнал разговор, се подразбира дека се нафатил на обврската на комуникациска размена, па освен доколку експлицитно не изјави дека сака разговорот да престане, постои некаков морален кодекс дека тој ќе потрае. Па макар и со многу хмкање.
Претходно: Неверојатното нешто што го правиме додека муабетиме