Пресметано е дека секое земање збор во разговор помеѓу двајца трае околу 2 секунди, а типичната пауза помеѓу крајот на она што го кажува едниот и почетокот на реченицата на другиот соговорник трае само 200 милисекунди - едвај доволно време да се изговори една буква, а камоли цел збор. Овој тајминг незначително варира во различни културни контексти, а постои дури и во разговори со знаковен јазик.
„Тоа е минимум човечка реакција на било што", вели Стивен Левинсон од Макс Планк институтот за психолингвистика. Тоа е времето кое на тркачите им е потребно за да реагираат на стартниот сигнал, но доволно е да им се даде опција да тргнат на зелено светло а да почекаат на црвено и времето потребно за реакција веќе би било подолго. Разговорите навидум имаат многу поголем број на можни реакции, што би требало да значи и подолги паузи помеѓу нечие зборување. Но такви паузи нема затоа што ние нашите одговори ги вербализираме во умот во текот на зборувањето на нашиот партнер. Ги слушаме неговите зборови истовремено додека ги смислуваме нашите, па така кога ќе ни дојде редот почнуваме да зборуваме онолку брзо колку што е тоа физички возможно.
Ако делфините можат да пливаат неверојатно брзо, орлите да летаат исто толку високо колку и авион, нашиот трик изгледа е токму овој. До овој заклучок дошол тимот на Левинсон кој пред неколку години почнал да снима видеа од групи луѓе кои едноставно си зборуваат во неформален контекст. Така е направено во САД, но и со „зборувачи" во Италија, Холандија, Јапонија, Кореа, Намибија, Папуа Нова Гвинеја и Мексико. И покрај големите културни варијации и различните граматики на овие јазици, постоеле минимални разлики во паузите помеѓу зборувањето. Со тоа се подриваат и досегашните стереотипи за, на пример, долгите паузи во скандинавските муабети, наспроти постојаното дрндање на њујорчаните.
Оваа карактеристика Левинсон ја нарекува „основен метаболизам на човечкиот социјален живот" - универзална тенденција да се минимизираат тишините, без преклопување (преклопувањата се случуваат само во 17% од менувањето говорник и често се само случајни „дозборувања" на првиот соговорник кога вториот веќе почнал со својот дел од муабетот).
Краткоста на овие тишини е неверојатна доколку се земе предвид дека се потребни барем 600 милисекунди за „повикување" на кој и да е збор од меморијата и негово физичко изговарање. За кратка фраза потребното време расте на 1500 милисекунди. Тоа значи дека мораме да почнеме да ги планираме нашите одговори среде муабетот на партнерот, и тоа од граматиката до менувањето на тонот. Тоа пак значи дека до пола слушаме, а половина претпоставуваме што ќе биде кажано.
Интересно би било да се спореди ваквиот „јаз" во муабетите со оние на чет, дали и овие вториве ја следат истата шема, секако со сите ограничувања кои ги подразбира куцањето на тастатура и негледањето на некој во очи.