Кога Тим Загат, еден од основачите на влијателниот Zagat Restaurant Survey - водич за ресторани низ Америка, излегува на вечера во Њујорк, голем број од рестораните каде што тој оди знаат дека тој сака супата да му биде сервирана во шоља и дека сака леден чај со џус од брусница во висока чаша со многу мраз. Келнерите исто така знаат за љубовта на Џеј-Зи кон бел бургундец. И тоа е донекаде разбирливо, затоа што луѓето се познати, и за нивните вкусови нашироко се расправа. Но почудно е кога Арни Танен, здравствен консултант од Брунклин, или со еден збор - никој и ништо - ќе седне во локалната таверна, а келнерот, кој можеби прв пат го гледа, веќе знае дека тој преферира црна салфета, и дека ги сака само крајчињата од векната во кошницата за леб.
Сите овие детали се внимателно складирани во ресторантскиот компјутер, а г-дин Танен се сомнева дека газдите некако ја забележале и неговата љубов кон помфритот, бидејќи иако ресторанот не служи пржени компирчиња тие некако се создале пред него за неговиот 68-ми роденден.
Сè почесто рестораните регистрираат дали сте прв пат таму, дали сте редовен муштерија, дали живеете близу или сте пријател на сопственикот. Тие архивираат каде сакате да седите, дали прославувате некоја посебна прилика и дали го сакате путерот мек или тврд. Често пати можат и да ги следат вашите минати однесувања: колку сте нарачале, колку бакшиш сте оставиле и дали сте „кампирале" долго после десертот, за следниот пат да ви дадат неудобно столче.
Секој ресторан си одлучува колку детално ќе ги следи сопствените клиенти, но и каква методологија ќе применува. Сепак, веќе се наѕира некој систем: информациите дискретно се вметнуваат во форма на акроними, кои излегуваат на мониторот следниот пат кога келнерот ќе ве провери во компјутер. Еве некои од нив, кои се крајно интересни од лингвистички аспект - очигледно во браншата се формира цел таен, кодиран јазик.
WW - wine whale (некој кој пие многу вино)
SFN - something for nothing (човек кој доаѓа главно заради бесплатните предјадења)
FOM - friend of the manager (пријател на менаџерот)
PX - Person Extraordinaire (посебна личност) и NR - Never Refuse (никогаш да не се одбива) како замена за некогашното VIP (Very Important Person), затоа што последново веќе почнало да ги навредува оние кои не спаѓале во оваа категорија.
LOL - Little Old Lady и HSM - Heavyset man - два типа муштерии на кои им е потребно посебно сместување
HWC - handle with care (да се ракува внимателно, непријатен гостин)
Не дека и претходно ваквите информации не биле забележувани, на ваков или онаков начин, во меморијата на вработените во одредена кафана. Но доколку постои честа промена на персоналот, ваквата меморија се губи. Иако информациите складирани на ваков начин можат да бидат скапоцени, тие истовремено можат да бидат и ризични. Имено, иако фајлот за одреден гостин може да го содржи името на неговата сопруга, тоа никогаш не смее да се употребува доколку келнерот не е сигурен во изгледот на жената. Исто така некои клиенти се пожалиле дека ако некогаш посакале нешто (на пример екстра сирење со пастата) тоа не значи дека тоа важи засекогаш. Некои од нив и се вадат од памет кога некој ќе им каже „Знам дека сакате Шардоне од 1970". Персоналот мора да е дискретен и само да го насочи муштеријата кон она што веќе знае дека тој го сака.
Иако е навистина глупаво во истата кафана и на истиот келнер постојано да му објаснуваш дека нес-кафето си го сакаш матено, со млеко на собна температура, без мраз, слатко ама не шербет, без чоколаден прелив и со цевка, како да е тоа толку тешко да се запамти, сепак сме сомничави кон ваквото означување на гостите по нашите кафани. Причина: акронимите многу бргу ќе станат толку сложени што ни Господ нема да може да ги декодира. Пример: БСМЗГГППКС - НВ - Бoро на Светле на братучетката на Мира што му заврши работа на газдата за тие гумите за пик-апот, пие ко сом, никако вересија.