Кендра Мултимедија е театарска трупа базирана во Косово, чија нова претстава под наслов „Преговарајќи го мирот“ се навраќа на последната војна во Европа пред руската инвазија на Украина и нејзината завршница.
Станува збор за драматизирани преговори за мир помеѓу фиктивните завојувани земји Бановија и Унмикистан, претставени како комедија, во која суетни генерали можат да се примамат да седнат на „зелената маса“ со ветувања за холивудски филмови кои ќе ги слават нивните дела. Спротивставените страни се пијанчат додека ги преговараат демилитаризираните зони, ги замешуваат верзиите на договорите за прекин на огнот и потпишуваат на погрешно место на договорот. Мапите за спорните територии се сецкаат со ножици, а притоа „светите“ земји се претвораат во куп конфети.
Па сепак, на крајот од 90-минутната претстава, дотогашните непријатели го фрлаат оружјето и ја пејат „Мир во долината“на Елвис Присли. Воениот злосторник, веројатно инспириран од Ратко Младиќ, се моча од стрес дека ќе заврши пред Хашкиот трибунал.
„Кога зборуваш за сериозни нешта, не смееш да зборуваш за нив на сериозен начин“, вели Орест Пастух, украински актер кој е еден од петмината од мултинационалниот актерски состав на Кендра, со искуство од прва рака за тоа што значи војна. „Ако зборуваме сериозно за војната и мирот, сите би полуделе“.
Претставата заминува на европска турнеја во Германија, Чешка, Србија и Босна и Херцеговина. Иако директно не ги спомнува, таа е инспирирана од Дејтонските преговори кои во 1995 ставија крај на неколкугодишната босанска војна.
Авторот вели дека тој го проучувал и Дејтонскиот договор, како и договорите од Осло потпишани помеѓу Израел и Палестина во 1993 и тоа му ги уништило илузиите дека мировните преговори се структурирани разговори кои се водени од експерти - тоа според него се плодови на каприци на поединци.
„Војната сепак не завршува кога ќе го оставиш оружјето“, вели Незирај. „Во Косово живееме во меѓу-состојба, не е војна но не е ни целосен мир. Тоа е атмосфера на страв и несигурност, затоа што воената сметка од 90-тите се уште не е целосно исплатена“, вели тој.