Жаклин Францис почнала да се занимава со стриптиз кога имала 23.
Сакав да патувам и да не бидам сиромашна. Си ги избричив нозете и ’шумата’ и го искористив првиот резултат што ми го даде Гугл за ’клуб за мажи Сиднеј’. Се соблеков за еден дебел стар човек по име Џим, и на мое изненадување нему тоа му се допадна. Многу.
Како продолжение на нејзината прва книга, мемоарот The Beaver Show од 2015, Францис замислила нова, која нема да зборува само за нејзините искуства во професијата, туку и за она на нејзините колешки. Составила прашалник од 30 страници и им се обратила на 300 бивши и актуелни стриптизети. Проектот на Кикстартер собра 30,000 долари, од што сега произлегува монографија, со тврди корици, и целосен наслов „Стриптастик: прослава на јаки пи*ки кои сакаат пари“.
Специфично за повеќето приказни вклучени во книгата е што тие ја отфрлаат идејата за сексуалната работничка како жртва, а ја промовираат идејата за танчарката на шипка како божица на штикли на 21 век, еманципирана супер-херојка која затоа што игра во нечиј скут не значи дека е помалку феминистка од оние кои во тој чин гледаат поддршка на машката доминација. „Многу си убава. Што правиш тука?“, ја прашува еден муштерија девојката што игра на шипка. „Го разбивам патријархатот“, вели таа, додека врз неа врне дожд од пари.
Во книгата има и многу хумор („Оној што вика дека стриптизерките не се по математиката никогаш не се обидел да ни украде кусур“), а посебно нè воодушеви плејлистата на најдобри до најлоши песни за „стрипање“. Бјорк - јасно, метал кантри - не ни знаевме дека таков жанр постои. Има и многу интимни (да) детали, како грижа за семејството, хигиенски совети, мени за ужинки и сексуални преференци кога не се игра на шипка. Самата Жаклин, на пример, танцува за пари за мажи, но самата е во брак со жена, која работи како фотограф. И за нејзината книга вели дека не е за мажи, туку за жени чија супер-моќ не е (само) да се соблекуваат и да изгледаат моќно во танга.