Бидејќи она што нема име практично и не постои, појавата на нови феномени подразбира(ла) и постојан процес на креативно "кумување" - воведување нови, јасни и недвосмислени означувачи на стварноста.
А стварноста, пустата, има една незгодна особина, постојано да се менува. И да претставува предизвик и за лингвистите кои на формирањето зборови често му приоѓаат како на уметност. Веќе пишувавме за новите германски кованици, предложени од Бен Шот, кои можат да бидат корисни и во други јазици. Нова книга на Лизл Шилингер (Liesl Schillinger), "Збороптици: богохулен речник на 21. век" содржи уште стотина предлози, овој пат на англиски. Еве некои од нив:
Facebook-happy (Фејсбук-среќен) - несреќен човек, кој лажира среќа преку внимателно менаџирани фејсбук постови
rotter (трулока=труло+фиока) - најдолната фиока од фрижидерот во која најчесто забораваме храна која скапува
baggatory (куферостилиште = куфер+чистилиште) - моментот на ни ваму-ни таму кое ги обзема уморните патници кога се собираат околу неподвижните ленти за багаж на аеродром
actorvist (актервист) - филмска ѕвезда која ја користи својата слава (за добро или лошо) за политичка активност
hollowgram (празнописмие) - е-маил во кој сте заборавиле да закачите фајл пред да притиснете "испрати"
Секако, појавата на нови зборови е придружена со хмкање од страна на скептиците: секој пат кога некој од значајните речници ќе најави дека внесува нов тренди збор, хор од загрижени учени со бели бради реагира дека дошол крај на светот (за среќа не и во македонскиот, бидејќи автентични неологизми речиси и да нема, а и ако има не-дај-боже да влезат во речник).
На радост на јазично разиграните, интернет стана расадник за одгледување вакви нови кованици, кои служат како лингвистички експеримент - некои од нив ќе фатат корен и ќе влезат во стандардна употреба, некои ќе траат само додека трае фамата околу појавата која го поттикнала нивното создавање. Она што притоа е важно е дека авторитети за зборообразување престануваат да бидат само оние со филолошка диплома, туку дека со формата (и содржината) на зборовите може да си игра буквално секој. Еве еден од нас: зборошубие - страв од тоа да создадеш или употребиш нов збор во македонскиот, од страв да не испаднеш глуп.