Новата книга на Пол Мекартни, „Стиховите“ (The Lyrics), е направена врз основа на 50-часовни разговори снимани во тек на пет години со поетот Пол Мулдон. Тој ги преточил транскриптите во приказни за песните, кои не откриваат некои до сега непознати факти, но се опишани како „магични“. Тоа е најверојатно најблиску до мемоар што некогаш ќе го објави Мекартни, заедно со нотните записи и голем број до сега невидени лични фотографии на семејството и на Битлси.
Вклучени се 154 песни, а од една од најинтересните приказни е онаа во која се опишува огорченоста на Пол, Џорџ и Ринго кога Џон најавил дека заминува од групата. Тие се зафркавале дека ќе продолжат како „Тритлс“, но нивната лутина била видлива, наспроти ентузијазмот околу заминувањето на самиот Џон. Сепак, во последните неколку години пред атентатот врз Ленон тие се дружеле, и зборувале за се освен за музика - на пример како најдобро да се испече леб.
Друга приказна се однесува на Еленор Ригби, ликот од славната песна на Битлси. Додека растел, Пол познавал повеќе такви маалски тетки, бидејќи како извидник им помагал за еден шилинг. Нивните приказни, како што вели, му ја збогатиле душата, и го инспирирале да ја напише песната.
Во детството симпатија на Мекартни била - самата кралица. „Таа беше згодна жена, како холивудска ѕвезда“, вели тој за кралицата Елизабета Втора, денес на 95 години, која била инспирација на фрагментот од 25 секунди, „Нејзиното Височество“, со кој завршува албумот „Ејби Роуд“ од 1969. Еднаш дури и пеел пред нејзе, но бил разочаран што таа не била нешто многу расположена за муабет.
Во врска со „Хеј Џуд“ тој открива дека во моментот кога почнале да ја снимат Ринго Стар бил во тоалет, но влегол полека на прсти и успеал да го исвири своето интро без грешка. Токму оваа снимка понатаму станала официјалната.
Книгите се богато илустрирани, содржат постери, сет листи, ракописи, групни фотографии и прикажуваат еден живот на кој „Мака“ (прекар под кој Пол е познат во Ливерпул) може да се гордее.