Дислексија е вид попреченост во учењето, коешто се појавува кога мозокот не е способен да процесира пишувани зборови, иако човекот знае да чита. Причините за ова нарушување се уште се анализираат, но доминантната теорија е дека луѓето со дислексија имаат проблем со фонолошкото процесирање - способноста да видат симбол (буква или фонема) и да ја поврзат со говорни звуци. Дислексијата е тешка за дијагностицирање, но се смета дека се појавува кај 10% од населението.
Во 2000 Нил Гордон, пензиониран невролог-педијатар, ја пласираше идејата за музичка дислексија - дисмузија, базирано на докази дека областите во мозокот кои се вклучени во читањето музика и текст се разликуваат.
Идејата дека дислексијата може да влијае врз нејазични симболи не е нова. Дискалкулија е потешкотија во читањето и разбирањето математички симболи, а се покажало дека таа и дислексијата се две различни состојби. Ако мозокот процесира зборови и математички симболи различно, зошто тогаш тоа да не важи и за музичките симболи?
Буквите и музичките симболи физички се претставуваат различно - првите вклучуваат не само ноти, туку и симобли како тие да бидат отсвирени, вклучитено знаци за ритамот и динамиката. Оттаму, читањето музика е „мулти-модална" активност, што значи дека истовремено во неа се вклучени повеќе различни области од мозокот, а невронската мрежа којашто ги поврзува се засилува со долготраен тренинг. Но иако читањето текст и музика се генерално независни активности, тие споделуваат делови од мрежата, па оттаму некои видови мозочни оштетувања можат да ги нарушат обете способности - каков што бил случајот со композиторот Морис Равел.
Еден од поинтересните случаи на дисмузија е опишан од страна на познатиот невролог Оливер Сакс, а се однесува на професионална пијанистка која заради дегенеративна мозочна болест ја губи нејзината способност да чита музика, но уште долго може да чита текст. Има и спротивни случаи, кога музичар ја губи способноста за читање текст, но продолжува да чита ноти.
Обете појави ги фасцинирало истражувачите со векови. Најраниот познат случај на некој којшто не можел да зборува но можел да пее е од статија од 1745 под наслов „Немиот кој може да пее", за шведски селанец кој по доживеан мозочен удар не можел веќе да зборува, но си потпевнувал верски песни, при што зборовите биле сосема разговетни.
Посвеж пример е оној на рускиот композитор Висарион Шебалин, кој и покрај тоа што ја изгубил способноста за говор продолжил да компонира. Тој ја инспирирал тн. мелодиско интонациска терапија, која кај ваквите пациенти го заменува говорот со песна, што е замена за вербалната комуникација. Ваквите случаи покажуваат дека музиката и јазикот до одреден степен се одделни невролошки процеси.