Со делото на Станислав Петковски се запознавме преку неговата книга „Оружјата на критичкиот родител“ (Букбокс осврт тука). Таа наскоро ќе доживее второ, (прилично) дополнето издание, под исто така проширен наслов, кој сега гласи „Оружјата на критичкиот и лекот на негувачкиот родител“.
Пред промоцијата која ќе се одржи на 19.02 (среда) во 19 часот во Јавна соба, со Сашо направивме муабет на теми поврзани со неговата работа како клинички психолог, трансакциски аналитичар и семеен системски терапевт.
За оној што никогаш не слушнал за неа, како наједноставно би објасниле што е тоа „Трансакциска анализа“ (ТА)?
Тоа е теорија на личноста која нејзиниот основач Ерик Берн ја употребувал во својата психотераписка работа. Многу е попозната според концептот на три Его состојби Родител, Возрасен и Дете и графичкиот приказ со која се објаснуваат трансакциите меѓу Его состојбите, и на сликовит начин самата интерперсонална комуникација. Иако за тоа време овој концепт се разликувал многу од останатите, сепак главната суштина на Трансакциската анализа е дека речиси сите луѓе живеат според несвесен животен план, според кој се одредува нивниот пристап кон животот како губитнички, банален или победнички. Трансакциската анализа развила методологија за работа и промена на овој пристап, особено ако е губитнички.
Која е предноста на оваа терапевтска школа пред останатите најдоминантни (психотерапија, бихејвиорално-когнитивна, гешталт итн.)? Дали постои конкуренција меѓу нив и дали тие меѓусебно се исклучуваат?
Конкуренција не постои меѓу школите, туку меѓу луѓето од тие школи. Секоја школа си има свои карактеристики, пристапи, концепти и јазик. Сепак, според илустративноста, Трансакциската анализа била погодна и за третман на нормалноста, и за решавање на секојдневните проблеми во комуникацијата кај сите луѓе. Исто така, таа има развиено свој јасен и моќен психодијагностички пристап кој прецизно дава информации пред самиот психотераписки третман, значи дијагностика и тераписки цели. Потоа има дијагностички средства за текот на самиот психотераписки пристап и за предикција на резултатите.
Со оглед на вашата долгогодишна клиничка пракса, дали забележувате некакви трендови во психичкото здравје - има ли разлика во она што ги мачело нашите луѓе пред триесетина години и сега? За што најчесто ви се обраќаат?
За среќа, немам само клиничка пракса, бев многу активен во организација на едукациите и обуките во невладиниот сектор, во последно време со компаниите, па така имам некој вид тродимензионална слика за актуелните и минатите трендови. Кога би направил анализа на трендот, порано значително повеќе се обраќале луѓето поради невротски проблеми и кога навистина драматично нивното секојдневно живеење било поради тоа во голема криза. Сега, особено последниве десет години, можам да кажам дека повеќе бараат како да ги решаваат своите дневни тегоби и проблеми, кризaта на односите љубовните и семејните. Како да се изгубила јачината на еден би го нарекол Културален родител кој зависи од самата култура. Исто така со падот на општите вредности, индивидуата како да ја губи својата егзистенцијална суштина и доверба во другите. Значи, сега проблематиката е разнообразна, се чини полесна, а всушност е потешка бидејки е мултидимензионална.
Иако изгледа дека табуто за одење на психолог се разбива, но дали луѓето се навистина подготвени да работат на себе, или повеќе очекуваат магични решенија од терапевтите?
Табуто за одење на психолог е разбиено, но има друго табу: не се фалат дека одат кај него. Не како кога одат кај некој квалитетен мајстор, фризер, хирург или друг вид на експерт.
Во вашата книга „Оружјата на критичкиот родител“, која сега доживува второ, проширено издание, зборувате за различните типови родителствување, кое може да се движи од негувачко, до крајно штетно и трауматизирачко. Врз основа на вашите искуства, кои се најголемите грешки во воспитувањето кои ги прават денешните родители, и оттаму, какви потенцијални проблеми може да очекуваме кај генерациите кои сега растат?
Се чини дека денешните родители не се сигурни во својата држава, таа не им дава доволно сигурност и стабилност. Принципот на награда и казна е хаотично измешан, се промовираат нови вредности кои се деривати од алчност или „итроштини“, каде констатноста, доверливоста и етиката на односите се под голем притисок. Сè повеќе обичниот човек е колатерална штета на тие односи. Ставен е под голем финансиски и хаотичен, нејасен вредносен принцип. Во вакво опкружување моќта на родителите е намалена поради тоа што им останува многу малку време за родителувањето. Кога некако ќе се изборат за тоа време за да го имаат за нивните деца, тие се навикнале без нив, а се навикнале на тнр. „дигитална зависност“, која претставува комуникациски јаз кој двете страни (родителите и децата) не знаат како да го премостат.
Државата во одредени средини, доколку е стабилна и моќна, произведува грижа за најмалите и го компензира отсуството на родителот, но кај нас тоа не е случај. Сè е препуштено на родителот, од него се бара сè. Во комбинација со криза на брачните релации, ова претставува голем проблем кој сега можеби евидентно не се гледа, но за 10-20 години ќе биде видлив, а тогаш веќе сè „ќе биде поминато“. За жал мојот песимизам е основан, но тоа не ме спречува сепак од своја страна, барем еден промил да дадам придонес во враќање на основните вредности низ обуки, тераписки и групен пристап и еве и најпосле низ одредена литература која ја создавам.
Книжарите се преполни со преводи и книги од домашни автори кои ветуваат справување со стресот, пат кон успехот, мотивација...Дали литературата за самопомош може да биде и опасна, како лек кој е земен без рецепт?
Пред сè, преводите на книгите, особено оние кои нудат некаква самопомош или оние кои нè уверуваат во спас или брз успех, настанале во друго социокултурно милје. Некои од тие да ги наречам „трикчиња“ онаму каде што настанале дале некаков резултат, но со сомнителна вредност бидејки нема вистинско валидно истражување за вредноста и стандардот во постигнување на ефектите. И тие автори во наплив на разни стратегии и „откривања“ се продаваат себе и преку наивноста и гладот на луѓето си заработуваат.
Во секој случај доколку се читаат и разбираат буквално тогаш тоа знае повеќе проблеми да предизвика, отколку решенија да понуди, една таквата литература. Ваквите „рецепт за успех“ книги се само уште еден индикатор дека читателот или обичниот човек ќе биде цел и на секакви влијанија доколку нема стандард за квалитет и препорака од еминентни рецензенти кои ќе одредат што има своја културолошка и научна вредност. Не во форма на цензура, туку во форма на препорака.
Бидејќи еден од клучните концепти на ТА е животниот план, каков е вашиот? Ќе има ли можеби следна книга, овој пат можеби некој патепис за патувања со мотор?
Мојот животен план би го нарекол „хибриден план“. Истовремено имам план на 5, 10, 15 години. Ги препознавам патеките и насоките кои ме водат кон нив, но не робувам на тоа бидејки исто така сакам да уживам и во непланираното и спонтано секојдневие. До сега ова ми успева, бидејки го планирам она што ми е предизвик, она што го сакам. Го одложувам она за што нема услови, но не го заборавам.
Повеќе години подготвувам паралелно со другите активности ракопис и податоци за начинот на кој јас работам. За сличностите и разликите од она што сум го учел во областа на Трансакциската анализа и ПЦМ моделот, Системската семејна теорија и клиничката психологија. Ги споредувам резултатите и од тоа ќе произлезе интересна литература која ќе биде многу прагматична. Од друга страна, се радувам на квалитетните релации со моите ќерки, пријатели и ученици и морам да кажам дека ми импонира дека тие односи во голем број се развиваат во позитивна насока. Зен и возењето на моторциклот, да парафразирам една интересна книга, може и тоа да биде интересен предизвик, но го препуштам тоа на сплетот на околностите кои ќе се случуваат во иднината.
ФБ настан за промоцијата
Илина, Букбокс