Карл Маркс е роден на 12 ноември 1897. во Минхен. Прво студирал природни науки, ама откако се запознал со Карл Орф (најпознат по кантатата Кармина Бурана) одлучил кај него да студира композиција. Во текот на Втората светска војна предавал музичка теорија на Конзерваториумот во Грац, и - сега доаѓа она интересното - компонирал музика за наци церемонии и давал свој редовен придонес кон песнарките за Хитлеровата младина.
Иако во неговата биографија се вели дека е автор на бројни оркестарски дела, концерти за пијано, за виола, две виолини или за органа, на хорски дела, мотети и кантати, ние не успеавме ама баш ништо од сето тоа да најдеме на интернет. Едвај најдовме една негова слика (и со бројки: 1), еден сајт на кој се продаваат предмети од неговата оставштина, и цитат кој му се припишува: „Доаѓа време во животот кога морате да ја баталите целата таа бесмислена драма и луѓето кои ја создаваат, и да се опкружите со луѓе кои ве смеат толку многу што заборавате на лошото и се фокусирате само на доброто. На крајот на краиштата животот е прекраток за да не се биде весел".
Да бидеш композитор на наци песни, да се викаш Карл Маркс, да поживееш доволно долго за да ти преседнат реакциите од типот „аа, исто ко оној Карл Маркс?" (умрел 1985), и да се видиш комплетно избришан од историјата на професијата со која си се бавел, е тоа навистина се причини човек да не биде баш весел. Што би рекол Рилке, омилениот поет на овој Карл Маркс, на чии стихови компонирал хорски дела, „Среде бранови да се биде, и во времето да не се најде свој дом". Вагнер, вака-така, подобро поминал.