Букбокс гледаше

„Спрингстин и јас“ (2013)

Повеќето критики за филмот велат дека тој има смисла само ако сте фан на Шефот. Но ако само малку го проширите визирот, тој е славење на музиката воопшто, на нејзината моќ да ви влезе под кожа и да влијае врз вашиот живот, онака како што музиката на Брус повлијаела врз неговите фанови, кои се вистинските автори на филмот.

„Спрингстин и јас" формално е филм на Бејли Волш и продуцентот Ридли Скот, но тој е всушност составен од домашни видеа направени од фанови на Брус низ целиот свет, кои биле поканети на овој начин да му одадат признание. Има меѓу нив и тврдокорни обожаватели кои го следат на сите можни концерти, ги имаат излепено собите со негови постери и знаат секакви детали од неговата кариера. Но почести се оние за кои неговите стихови и неговата музика едноставно резонираат со нешто блиско до нивните животи, со приказни од детството, тешката фабричка работа или ликовите од нивното соседство.

Најинтензивни се сеќавањата за концертните искуства, особено на оние кои по некоја случајност се нашле на сцената заедно со Брус. На еден од нив на денот на концертот на којшто требало да оди со девојката таа му раскинала, па тој на голем плакат напишал „Денес ме откачи женската". Во клипчето од овој концерт вклучен во филмот гледаме како Брус го чита плакатот и го повикува дечкото да се качи на сцена, тешејќи го во стилот: „Еее, мене колку ме откачувале. Ама сега им е криво". Еден имитатор на Елвис пак раскажува како бил извлечен на сцена среде изведбата на All Shook Up, остварувајќи му ја 20-годишната желба да настапи со Брус:

Во друга снимка уличен свирач во Копенхаген во 1988 сосема случајно го гледа Брус на улица и вика по него да му се придружи. Овој малку се премислува, ама после ја фаќа гитарата и почнува да свири заедно со дечково добри десетина минути. Типов и ден денес не може да ја заборави таа добрина, и чува врамени слики од настанот во рамка ко за гоблен во дневна.

Најтрогателна е изјавата на еден рандом човек кој се снима самиот возејќи на автопат, кој кога почнува да ги опишува стиховите од песните на Брус се за'дткува. „Тој прави да можам да влезам во домовите на тие луѓе, да почувствувам како им мириса кафето, да им ја осетам болката". И почнува и самиот неутешно да плаче.

Сигурно за кој и да е друг славен музичар или бенд би можел да се направи, или е веќе направен, сличен документарец. Сите тие заедно, вклучувајќи го и овој, само ја потврдуваат катарзичната моќ на музиката, која сплотува луѓе од Копенхаген до Небраска, и на некој начин им го олеснува животот, правејќи ги помалку осамени. Не видовме прилог од Македонија, но знаеме и тука луѓе за кои „Шеф“ може да биде само еден. 

Трејлер за филмот:

15 јули 2014 - 15:02