Четирикратниот оскаровец Фелини, под големо влијание на психоаналитичарот Ернст Бернхард кај кого одел на сеанси, триесет години си водел илустриран дневник, во кој си ги запишувал и цртал соништата. По неговата смрт во 1993, оваа таканаречена „Книга на соништа" останала необјавена, сè до 2008 кога минал потребниот период за средување на формалностите околу авторските права. Тогаш излегол првиот том кој го покрива периодот од 30. ноември 1960-2. август 1968, а потоа и вториот, од фебруари 1973 до крајот на 1982, како и неколку странички од 1990.
Свесен дека сонот може да се запамти само доколку се запише неколку минути по будењето, Фелини практично едвај и да спиел, опседнат да не заборави да регистрира некој од бизарните детали, кои потоа ги преточувал во филмовите од „реалниот" живот. Запишувал и цртал на сè што му доаѓало при рака, од хартија, салфети до ткаенини, а сцените се надреални и гротескни, и многу еротски. Во една тој опишува како „некој педераст мулат му седнал на колена, и во ист момент му се гади, го вознемирува и му побудува нежност“, а во друга една женска рака му нуди сад со живи црви.
Жените, и тоа доминантни, корпулентни, со раскошни деколтеа, се главни ликови во соништата на Фелини, а мажот е сведен на обично џуџе. Понекогаш жената се претвора во мачка која со канџите го напаѓа мажот, кој се претвора во беспомошна птица. Друг пат таа во раката држи вила на која е набоден нејзиниот партнер.
Секој негов цртеж е комбинација на стрип и интимен дневник. Во нив се среќаваат ликови од опкружувањето на Фелини (Џулиета Масина, Франко Роси), или се сцени од неговите филмови, кои тој ги цртал „за да може да му погледне на филмот в лице".
Ако случајно сте во близина на Јадранот, репринти од овие цртежи, и тоа тематски фокусирани на односот на режисерот кон храната и еросот, во моментов се одржува во Арт-киното во Ријека.