На мост кој ги поврзува Данска и Шведска, точно на границата, е пронајдено мртво тело. Двајца инспектори, Данецот Мартин Роде и Швеѓанката Сага Норен треба да соработуваат за да го откријат убиецот.
Ова е сиже на првата од четирите сезони од „Мостот“ (2011-2018), наградувана серија која по сите списоци фигурира како една од најдобрите европски на сите времиња. Спомнатата инспекторка, згодната (и да, плава) Сага, е портретирана како да е „оперирана“ од придржување кон социјалните норми - не прави празни муабети, студено реагира на набиени емоционални ситуации, отворено зборува за табу теми. Истовремено, во голем број сцени зема нешто од пакетче и го става под горната усна.
Што е тоа, не е објаснето, веројатно затоа што е очигледно за некој кој е од Скандинавија. Но ние моравме малку да истражуваме.
Станува збор за „снус“, производ од тутун, кој започнал како сув „снаф“ (тутун за шмркање) во раниот 18 век во Шведска. Неговата продажба е незаконска во неколку земји, вклучително во Британија, Австралија и цела ЕУ, освен Шведска. Се користи на тој начин што ќесето (кое личи на онакво за филтер чај, ама помало) се става помеѓу горната усна и непцето, и таму може да се држи од неколку минути до два часа, зависно од производот. Се смета за поздрава алтернатива на пушењето, иако содржи никотин.
Еден од првите кој дошол на идеја за медицинска употреба на тутун бил Жан Нико (1530-1600), француски дипломат кој во Португалија одгледувал тутун во својата градина. Тој ги сушел и толчел ливчињата за да добие прав кој потоа можел да се шмрка. Истиот ѝ бил понуден на Катерина Медичи, кралицата на Франција, како лек за нејзините мигрени. Така „снаф“-от станал популарен помеѓу елитата, а од Франција се проширил во Шведска. Таму работата дошла до таму што кралот Фредрик во 18 век вовел наредба Швеѓаните да си одгледуваат свој тутун. Но шведските селани не го сушеле, туку го мешале во некој вид каша и го оставале да ферментира во тегли неколку недели. Резултатот бил сличен на модерниот „снус“.
Денес тој се произведува од сушен тутун од различни делови од светот, во пакетчиња од неколку големини и грамажи. Порано се продавал во мали кутии направени од порцелан, дрво, сребро или злато. Иако дискусиите околу неговата штетност не се завршени, тој искрснува, ако ништо друго на овој начин, затскриен како „велигденско јајце“ помеѓу други елементи на шведската популарна култура.