Во 1947, на 54-годишна возраст, Јуџин Гусенс, британски композитор и диригент, бил повикан во Австралија да го преземе новоформираниот Сиднејски симфониски оркестар.
Шармантниот маестро станал вистински хит, собирајќи публика од 20.000 души на концерти на отворено, претставувајќи го Стравински во Сиднеј и премиерно изведувајќи сопствена опера, „Џудит“, со непозната локална стенографка по име Џоан Садерленд во насловната улога. Врв на сè било кога го убедил австралискиот премиер дека на гардот му треба оперска куќа и дека таа треба да биде изградена не крај железничката станица како што предлагал политичарот, туку на Бенелонг поинт, поранешниот остров каде денес стои прекрасната градба на Сиднејската опера. Во 1955 ја добил витешката титула за својот придонес кон австралиската музика. Ништо не укажувало на неговиот брз и ненадеен пад.
Во 1952 тој купил книга со репродукции на Розалин Нортон. „Рои“ Нортон била озлогласена жена. Како дете била заљубена во Дракула и во пајаци. Избркана од училиштата кои ги посетувала, таа се самофинансирала со пишување хорор приказни и позирање за други уметници. Нејзините слики, морничава мешавина на демони, голи тела и окултна симболика, ги ужаснувала пуританците, а полицијата често ги затворала нејзините изложби. Медиумите ја нарекле „Вештерката од Кингс Крос“.
Гусенс ѝ пишал на Нортон, и таа го поканила на чај, нешто што продолжило со негово воведување во тајните на окултизмот, за којшто тој веќе се интересирал. Она што никој не го знаел е дека во друштвото на Нортон имало „крт“ - новинар од весникот „Сан“, кој чепкајќи низ станот нашол писма на Гусенс од Австралија до својата љубовница, во која ги опишува нивните интимни ритуали.
Била организирана местенка. Кога Гусенс во 1956 заминал за Лондон за да ја прими витешката титула, „Сан“ го следел. Кога слетал назад во Сиднеј го дочекала полиција и кучиња. Во неговиот багаж биле пронајдени „порнографски“ слики, гумени маски и инкриминирачки миризливи стапчиња. Бил обвинет за нарушување на некаков Царински правилник, но тоа не било најлошото. Медиумите на долго и на широко везеле за врската помеѓу диригентот и „вештерката“, и во Австралија и во Британија. Починал шест години подоцна, како што сведочи негов поранешен ученик, „апсолутно уништен“. И покрај големата заслуга којашто ја имал за идејата и локацијата на Сиднејската опера и за музиката воопшто, по него е наречено само една мало студио во комплексот на Австралиската радиодифузија.