Сите тие осамени луѓе

Нова книга на норвешката авторка Хилде Остби, „Толку осамени: нашата желба за заедница и она што не' разделува“ ја истражува сложената природа на осаменоста – зошто толку многу луѓе ја чувствуваат, иако живеат опкружени со други луѓе.

Што значи да се биде „социјално поврзан“: дали тоа е бројот на контакти или квалитетот на врските? Може ли некој со многу онлајн пријатели сепак да се чувствува изолиран? Осаменоста не е само објективна изолација, туку и субјективно чувство – дека не си сакан, видлив или важен.

За ова зборува нова книга на норвешката авторка Хилде Остби, која разликува „обична“ од егзистенцијална осаменост и ги опишува парадоксите: луѓето во градовите често се почувствуваат поосамени иако се опкружени со маси, а дури и општества со висока социјална кохезија, како јапонското, имаат високи стапки на осаменост. Таа наведува дека дури и кратки и површни контакти – на пример разговор со продавач – можат да ја ублажат истата.

Книгата го спојува психолошкото со социолошкото. Авторката пишува за поврзаноста меѓу осаменоста, тагата, срамот и физичкото здравје, но и за пошироки општествени фактори – како намалено учество во заедницата, ефектите од паметните телефони и пандемијата. Таа особено нагласува дека осаменоста е резултат и на свесна социјална исклученост: расизам, сексизам, отфрлање на имигранти, лица со попреченост и други маргинализирани групи. За тоа дури предлага и нов глагол – „lonelify“, кога некој некого осаменува, односно создава аутсајдери.

Остби се осврнува и на телесните аспекти на осаменоста – колку се важни допирот, погледот, смеењето – иако секој од нив може да носи и негативни страни. Нејзината порака е хуманистичка: светот има потреба од повеќе инклузија, помалку насилство и предрасуди.

Сепак, авторката е и критикувана: дел од нејзините научни толкувања се неточни или претерани, а иако нагласува социјална исклученост како главен извор на осаменост, не се обрнува доволно внимание на фактот дека осаменоста постои и кај мнозински групи, и дека е поврзана со возраста и личноста.

Книгата завршува со симболични мотиви – ликот Гроке од „Мумините“, кој претставува олицетворение на осаменоста, и спомените од масакрот во Утоја 2011 година. Со оваа комбинација од бајковито и трагично, Остби нуди личен и скандинавски поглед на феноменот, со силна етичка порака за грижа и човечка блискост.

9 септември 2025 - 17:20