„Црвот во јадрото: улогата на смртта во животот“ (2015) од Шелдон Соломон, Џеф Гринберг и Том Пишчински, е опишана како фузија на идеи од областа на социологијата, антропологија, егзистенцијалистичката филозофија и психоанализата. Таа покажува дека мислата за смртта е вградена во секој аспект од човечкото постоење, од начинот на кој ги организираме нашите општества, уметноста што ја создаваме и пријателствата и врските кои ги воспоставуваме.
Станува збор за дело кое е резултат на 25 години длабинско истражување, и кое се потпира на иновативни експерименти спроведени низ целиот свет. Тоа покажува што се правиме за да го потиснеме стравот од неизбежното - од купување скапи коли, преку гребење за слава и пари, до убивање на оние различни од нас, и обратно, формирање заедници со нам сличните.
Наречена „теорија за раководење со стравот“ (terror management theory), нивната претпоставка вели дека човечката култура ни обезбедува ред, стабилност и смисла, и токму овие елементи ни овозможуваат да функционираме од момент до момент без да нè проголта смртната паника. Притоа, помага доколку се чувствуваме подобро во врска со себеси (побесмртно во однос на другите смртници), или преку билдање на физички вештини, или преку купување статусни добра. Градењето круг истомисленици е исто така добра стратегија, и заради чувството на безбедност, но и заради некакво духовно продолжение во нив кога нас ќе нè нема.
Насловот на книгата е од изрека на американскиот филозоф од пред повеќе од еден век, Вилијам Џејмс, кој сметал дека знаењето дека мора да умреме е „црвот во јадрото“ на човечката состојба. Црвот на смртта, кој тивко ни го моделира начинот на којшто живееме.