И покрај стандардите за мерење на времето кои важат во целиот свет, локално, во различни култури има паралелни системи кои не се само метафорични (како „мањана“ за нешто што ќе биде завршено утре а можеби и никогаш, или нашето „за пет минути“). Колку часа има во денот, која е „насоката на движењето на сказалките“, дали деновите се одделни ентитети, или тие можат да се преклопат - иако звучи неверојатно но има култури во кои ова се релевантни прашања.
Така, во Танзанија, кога вашиот часовник покажува десет наутро локалците ќе ви кажат дека е 4. Причината е следна: бидејќи оваа земја, како и повеќето во кои се зборува свахили, е на екваторот, сонцето изгрева и се спушта во истото време во сите годишни времиња. Сите го почнуваат денот во седум, па оттаму тој е 1 во свахили време. Истото важи и за седум навечер, што е повторно 1 ама попладне.
Иако сите часовници покажуваат западно време, луѓето меѓу себе се ориентираат и си закажуваат по локално, значи со шест часа разлика. Работното време на продавниците може да биде означено и вака и така, што понекогаш создава конфузија. Тогаш треба да се праша - дали се користи saa za kizungu (меѓународно време) или saa za kiswahili (свахили време).
Oва истовремено значи дека и локалците постојано прават математика, одземајќи или додавајќи седум, на што како што тврдат туристичките водичи по интернет „човек се навикнува, со време“.