Teрмин на денот

Што значи тоа да си „демисексуален“?

Сме чуле за хетеро-, би-, хомо-, а-, но што (по ѓаволите) би можело да биде тоа деми- или „полусексуален“?

„Демисексуалност е состојба во која некој чувствува сексуална привлечност дури откако ќе воспостави емоционална врска, со партнер од спротивниот или од истиот пол“.

Вака ја објаснува ориентацијата сајтот demisexuality.org, кој нуди широк опсег ресурси за оние кои се пронаоѓаат во горниот опис а можеби не знаеле дека има и други како нив, собрани под горниот банер на демисексуалците низ светот.

„Деми“ или „половина“ сексуален во оваа кованица значи дека овие луѓе не (мора да) апстинираат од секс, ниту пак да имаат нешто против него, туку едноставно се воздржуваат до моментот кога ќе се сигурни дека чувствуваат нешто повеќе за партнерот/партнерката од „обична“ сексуална привлечност.

Ваквите ориентации кои промовираат дистанцирање од физичкиот сексуален чин се толкуваат како реакција на бомбардирањето од страна на популарната култура со пораки за физичка интимност, форсирање на „спарувањето“ по секоја цена, кое така станува цел самото за себе. Оние кои не се заинтересирани (само) за секс така се чувствуваат како нешто да не е во ред со нив, како да не се „ин“, штом не учествуваат во општата трка по што поатрактивен сексуален партнер, со кого треба да се има секс сега, тука и веднаш, без многу-многу филозофирање околу чувства и обврски. Сè спротивно на ова е повод за етикети како фигидност/импотенција, невротичност, прикриена хомосексуалност или мразење мажи, жени, или општо - сите луѓе.

За оваа појава веќе пишувавме во „Асексуалност во хиперсексуализиран свет“, за луѓе кои се одлучуваат или во радикален целибат, или во поблага верзија на сексуално паузирање, за преку таа сексуална индиферентност да испратат порака - дека сексот не вреди ако човек не знае зошто точно го прави.

22 ноември 2016 - 17:43