Писателката и модна критичарка за француското списание Ел, Софи Фонтанел, напиша автобиографски приказ за откажувањето од сексот, и умирањето на нејзината желбата за размена на телесни течности со друг човек.
Во земја која се гордее со стереотипoт на „француски љубовник" (нешто како италијански, ама со меко р), ова му доаѓа како некаков ерес. Изјавувајќи дека ѝ е веќе доста од тоа да биде „фаќана и тресена", познатата и симпатична 49-годишна писателка одлучила да се симне „од сексуалниот рингишпил". Згрозена од баналноста на сексот, и од тоа што заборавила да каже „не", Фонтанел вели дека на овој начин ја пронашла слободата.
Во книгата, која е веќе продадена на странски издавачи и се преведува на англиски и на други јазици, Фонтанел раскажува како и зошто влегла во „радикален целибат", за што во поблага верзија на „сексуално паузирање" (pause sexuelle) веќе на големо се зборува во Франција. Всушност книгата на Фонтанел ја следи истата тема по минатогодишниот бестселер на Пеги Састр, „Без секс", кој објаснува зошто е ОК да се биде „асексуален" во хиперсексуализиран свет. Вторава авторка, патем, е родена 1981.
Фонтанел, која ја нарекуваат „анти-Доминик Строс-Кан", е моќна, успешна и паметна жена, која намерно апстинира, давајќи отпор на фабрикуваната желба и на механичкиот секс. Во еден ден од книгата таа признава дека измислувала љубовници колку да има што да каже на нејзините пријателки, кои очекувале зачинети приказни. Иако книгата се продава, таа самата е изложена на етикети за фригидност, неуротичност, прикриена хомосексуалност и мизоандрија (обратно од мизогинија).
Да изјавиш дека си сексуално индиферентен изгледа дека е посрамно отколку да изјавиш дека имаш некаков чуден фетиш. Но нејзината порака е едноставно дека сексот не вреди ако човек не знае зошто точно го прави, ако не си ги преиспита мотивациите и чувствата. Овој нов пристап кон сексуалноста нема врска со предбрачното воздржување, туку со преиспитување на стереотипите на поп-културата, ширени и преку медиумите, кои постојано промовираат некаков „нормален" број партнери (секогаш прилично голем), кои ако не сте ги имале ве прават неискусни или недоволно „ин".
За разлика од мажите чија привлечност може и да расте со годините, доколку е придружена со пораст на статусот, на немажената жена во големите градови која полека старее веќе не се ни гледа како на сексуален објект. Сепак, дури и порно ѕвездата Рон Џереми своите инспирации почнува да ги наоѓа на друго место: „Би сакал да го гледам Ричард Бартон или сер Џон Гилгуд или сер Лоренс Оливие како глумат во Магбет, и да ми се крене".