#СакамКласика

Што всушност прават диригентите?

Секој кој бил макар на еден оркестарски концерт во животот го знае оној момент на тишина пред на сцената да излезе диригентот, кој како генерал на музичката војска го одредува протоколот, но и квалитетот на изведбата. За многумина неговото (или нејзиното) присуство на сцената со палка во раката е мистерија.

Најпознатиот лик на диригент во популарната култура веројатно е оној на Душко Долгоушко, во цртаниот во кој го малтретира оперскиот пејач Леополд (и Лондонската филхармонија). Арогантен, каприциозен, но крајно авторитативен, тој е стереотипна слика за она што всушност го прави диригентот на сцена - раководи со оркестарот, одредува темпо, ги „прозива“ солистите, координира, опоменува и наметнува дисциплина.

Дали оркестрите би можеле исто толку добро да свират и без диригент? Зошто се вели дека некој диригент има „специфичен стил“ и покрај тоа што на оние помалку упатените им изгледа дека сите прават едно те исто, освен што можеби некои од нив се потемпераментни и драматични, а други по зен?

Одговорот на овие прашања е тежок затоа што мал број славни диригенти имаат детално образложено што е точно она што го прават. Само двајца првокласни од нив, Томас Бикам и Бруно Волтер, имаат оставено целосни автобиографии, но ниту една не содржи дел посветен на нивните технички методи. Нова книга на Џон Мосери, „Маестрото и неговата музика: уметноста и алхемијата на диригирањето“, излезена во 2017, се обидува да ја пополни оваа празнина.

Најпознат по неговото раководење со Холивуд бол оркестра, кој изведува филмска музика, Мосери зборува за „необичниот свет на диригирањето каде што не владеат закони“. Според книгата, пред 19 век диригенти во современа смисла на зборот не постоеле. Оркестрите биле помали, а нивните изведби биле „диригирани“ или од првата виолина или од клавијатуристот. Како што оркестрите растеле и се прилагодувале на комплексноста на 19-вековна музика, така станало неопходно да постои посебен човек кој би раководел со пробите и јавните настапи.

Повеќето од ваквите први диригенти биле композитори кои сами си ги диригирале делата, како Берлиоз, Менделсон, Вагнер. Сепак, набргу станало вообичаено музичари да специјализираат диригирање, а некои од нив, на пример Артур Никиш и Артуро Тосканини, станале виртуози во оваа професија. Од тогаш само тројца значајни композитори - Бенџамин Бритен, Леонард Бернштајн и Пјерл Буле - имале паралелни кариери како светски познати диригенти. Сите останати големи диригенти на 20 век биле специјалисти во оваа област.

Што прават овие луѓе пред оркестарот? Описот на Мосери на основниот физички процес е прилично едноставен:

„Десната рака го покажува тактот; го одредува темпото или пулсот на музиката. Може да држи палка. Левата ги врти страниците (за оркестарско дело), со гестикулација ги повикува инструменталистите, или генерално укажува на квалитетот на нотите (мазно поврзани, задржани и сл.)“

Вон овие основни елементи, нема правила. Доколку човек ги гледа видео снимките на изведбите на голем број значајни диригенти, тешко е да генерализира што е тоа „добра диригентска техника“. Едни екстравагантно гестикулираат, други се ограничуваат на минимални и строго контролирани движења на раката. Некои од нив (Карајан) толку нејасно мафтаат, што не е јасно како оркестрите успевале да ги следат.

Сепак, сите тие имале исти музички цели. Освен означувањето на почетокот и крајот на одредена изведба, работата на диригентот е да одлучи како тоа ќе биде интерпретирано. Колку ќе биде гласен средишниот дел од првиот став - дали виолините ќе свират малку понежно за да не ги покријат флејтите? Некој мора да донесе одлуки во врска со вакви прашања за изведбата да не делува неодлучно или хаотично, и секако е полесно тоа да го направи еден човек а не стотина луѓе со гласање и расправии.

Над сè, диригентот го контролира темпото, коешто го варира од момент до момент, според сопствено наоѓање. Бернштајн во ТВ настап од 1955 вели дека „диригентот е вид скулптор чиј елемент е времето наместо мермерот“. Ваквите вајарски одлуки се субјективни, бидејќи традиционалната музичка нотација не е толку прецизна, а повеќето композитори се одамна мртви па не можат да бидат прашани како го замислувале делото. Тосканини и Бикам ја снимиле „Боеми“ во претходна консултација со Џакомо Пучини, авторот на операта, а Тосканини ја диригирал и премиерата во 1896. Па сепак, изведбата на Бикам е 14 минути подолга. Од каде ова? И која од нив е „поточната“? Ова е прашање на личен вкус, бидејќи обете интерпретации се моќни и убедливи.

На крај, освен техничките работи, диригентот треба да го инспирира оркестарот - да поттикне секој од уметниците да соработува, да дише како едно со останатите. Но тоа секако не може да го направи ако не ги убеди во својата музичка компетенција. Помагаат и личната харизма и шарм. Не помага ароганција и држење предавања. На инструменталистите треба да им се каже што да прават, и кога тоа да го прават. Подолго-пократко, побрзо-побавно, повисоко-пониско е скоро се што им е потребно, а не „барокни“ говори за духовното значење на музиката.

Иако, некои метафори помагаат. Така, кога Тосканини не бил задоволен од тешкиот звук на некој симфониски оркестар, без да каже збор само извадил свилено шамивче од џеб и го пуштил да паѓа од високо. Откако го виделе тоа, оркестарците ја сфатиле пораката и свиреле точно како што сакал тој.

(Херберт фон Карајан, „Патетичната“ симфонија на Чајковски со Берлинската филхармонија 1970, трет став, Allegro molto vivace)

20 декември 2017 - 10:01