„Тулпа“ е нешто слично на замислен пријател, но со еден додаток - тој (или таа) поседуваат сопствени мисли и чувства и можат да дејствуваат независно од својот креатор. Ликот (а можно е и поседување повеќе ликови одеднаш) обично има свое име па излегува дека станува збор за две или повеќе личности кои живеат во исто тело. Но тулпата може да има нечовечки облик, на пример елфови, змејови, а во еден случај „пони со крилја на лилјак и сјајни златни очи“. Ова со понито е затоа што голем број декларирани тулпамансери потекнуваат од интернет форуми посветени на „Бронис“ - возрасни машки фанови на детскиот цртан филм „Моето мало пони“, па ваквиот опис на сопствениот аватар помеѓу нив е прилично чест.
Толкувањето на феноменот од страна на самите тулпамансери главно се врши врз два принципа - психолошки и метафизички. Согласно првиот ова е свесен избор кој има одредена цел, а тоа е да исполни психолошка потреба. Метафизичкото објаснување вели дека тулпите се активни чинители со натприродно потекло кои постојат надвор од умовите на домаќините и кои комуницираат со нив. Сепак преовладува првото толкување.
Муабетите за „тулпамансерите“ - луѓето кои создаваат ваков лик во својата глава и долгорочно живеат со него како со пријател, се актуелизираа и пред пандемијата. Во текст на оваа тема, не во некакво окултистичко списание туку во Бизнис Инсајдер од 2018, се известува за Редит групи на луѓе кои инаку немаат психијатриски дијагнози, но ја користат оваа „финта“ за самотерапија, во отсуство на реални пријатели и/или затоа што тоа им помага во интроспекцијата и донесувањето одлуки.
Од ретките негативни аспекти кои ги пријавуваат тулпамансерите е недостатокот на приватност. Но тоа и не е толку лошо, бидејќи значи дека „некој кој се грижи за тебе те проверува и те штити“. Истовремено, признавањето дека си возрасен човек а имаш замислено другарче те прави онлајн мета на малтретирање и исмевање.
Терминот „тулпа“ почнал да циркулира на запад во 1929, по објавувањето на „Магија и мистерија на Тибет“ од белгиско-француската истражувачка Александра Давид-Нел. Авторката, која тврдела дека ја регистрирала практиката на Тибет, создала тулпа визуелно идентична со неа, по име монахот Так.
Tулпите се појавуваат во популарната култура, на пример во антологиската серија Твин Пикс (слика горе), каде претставуваат дупликати на одредени личности, изработени од семе и органски материјал на оригиналот (на пример коса) и кои ги содржат спомените на своите темплејти.
Види претходно: Луѓето со необични внатрешни гласови