Луѓето со необични внатрешни гласови

Прашани каков внатрешен глас слушаат кога си зборуваат самите со себе луѓето најчесто велат - сопствениот. Но има и такви кои признаваат дека во главата им се врти монолог кој како да се прикажува на телевизија, или како да доаѓа од подрум. А замислете тоа да е пар кој постојано се кара меѓусебно?

Клаудија има триесетина години и не е Италијанка. Никогаш не била во Италија, нема роднини или пријатели од таму. Живее во мал град во Британија и нема поим зошто гласовите во нејзината глава би звучеле како типичен раскаран италијански пар. Таа ги опишува како семејство од реклама за доматен сос: темпераментни, инаетливи, кога би можела да ги види сигурно би мафтале со рацете и би имале експресивни гестови. Секогаш кога Клаудија треба да донесе некаква голема одлука, Италијанците почнуваат да го анализираат проблемот, страствено бранејќи ја едната или другата страна. Таа им ја препушта работата и ги слуша како кога би слушала некаква радио драма, која секогаш се одвива во кујната, во присуство на многу храна.

Тие засега немаат имиња, но ѝ се како пријатели кои ѝ помагаат да донесе важни одлуки, охрабрувајќи ја, на пример, да се откаже од работата како научник пред две години и да се оттисне од брегот, станувајќи - морнар на флота во Грција. Во случајот победило мислењето на жената, а Клаудија денес се чувствува посреќно од порано, и покрај тоа што мора да мине низ терапија на тн. „невролингвистичко програмирање“ за да го смири викањето во главата. 

Повеќето од нас имаат внатрешен глас - оној што нè потсетува да купиме леб на враќање од работа или што донесува заклучоци и пред да го анализираме нештото, како глас на нашата интуиција. Повеќето од нас го слушаат како сопствениот глас. Но за други тоа може да е стереотипен тон на терапевт, кој мирно коментира со рацете во скут. Тоа и не мора да е човечки глас, можеби е вкус, сетилна дразба или боја. А има и луѓе без внатрешен глас, што се поврзува со синдромот на афантазија (подкаст на оваа тема тука) - недостаток на „внатрешно око“ односно на способност за визуелизирање и замислување. Овие луѓе не сметаат дека нешто им недостасува, некои од нив дури и велат дека тоа им ја олеснува релаксацијата после напорниот ден и заспивањето без гласови кои би предупредувале, коментирале или потсетувале. 

Невронаучниците ввелат дека внатрешниот глас се создава преку вмрежување на различни области во мозокот, а има врска со тоа како мислата се претвора во дејство. Секогаш кога тргнуваме да правиме нешто, мозокот се обидува да предвиди како тоа ќе изгледа и кои би биле последиците. Да речеме дека сакате да земете чаша вода - мозокот испраќа соодветни моторни сигнали во раката, но исто така генерира сетилно предвидување на командата. Дури и пред да ја пофатите чашата, мозокот има предвидено што ќе се случи, што значи дека можете да корегирате грешки пред тие да се случат. 

Истото важи и за човечкиот говор. Секој пат кога отвараме уста за да формираме збор, нашиот мозок истовремено генерира предиктивна симулација на тој говор во нашиот мозок, за да ја корегира евентуалната грешка. Со внатрешниот говор е исто, само без моторните команди кон говорните мускули - симулираниот аудио сигнал е малиот глас кој го слушаме во нашите глави. За некои тоа е како радио програма која не престанува, други „зборуваат“ низ симболи кои не мора да вклучуваат конкретен јазик. Глувите луѓе на пример го искусуваат внатрешниот глас визуелно, тие не го слушаат, но можат да произведат внатрешен јазик преку визуелизирање знаковен говор или да гледаат мрдање на уста. 

Внатрешните гласови ни се доживотни пријатели - штета што не можеме да ги запознаеме во живо. Ако се италијански пар, можеби би нè почастиле од тоа шпагетите и сосот. 

извор

3 ноември 2021 - 08:30