„Анаподотон“ е реторичка алатка со која мислата се прекинува пред да биде целосно изразена. Ова се прави намерно бидејќи комплетната реченица се подразбира, па довршувањето се смета за непотребно. Истовремено, со прекинот се сигнализира дека сите оние кои во моментот учествуваат во разговорот би требало да ја имаат истата асоцијација на почетниот исказ.
Во македонскиот, на пример, тоа би можеле да бидат „Брат за брат“ (сирење за пари), „Зборам ти ќерко“ (сети се снао), „Брза кучка“ (слепи кучиња раѓа) и други општо познати пословици. Примери од други јазици се: „Жаба во бунар“ (не може да го замисли океанот) од класичниот кинески и во слична верзија во јапонскиот или „Кога си во Рим“ (прави како Римјаните), која му се припишува на св. Амброзие, а која се користи и во англискиот со значење на прилагодување на локалните обичаи.
Но анаподота можат да бидат и секојдневни искази, кои често се појавуваат и во драмски дела, во проза во директен говор или како тек на свеста. На пример: „Ако мислиш дека ќе седам тука и ќе ги слушам твоите навреди...“ (тогаш грешиш) или „Кога животот ти дава лимони...“ (направи лимонада).
Додуша, истиот реторички ефект може да се искористи за иронија или пародија. Со прекинување на позната пословица, додека слушателот во главата веќе си го врти продолжението, да настапи изненадување. На пример „Кој на друг јама му копа...“ после прекинот да не заврши со замисленото „сам паѓа во неа“, туку со „...е уморен“.