Коелјо рулс!

Што читаат затворениците во Лепоглава?

Пред некој ден беше организирана собирна акција за библиотеките по нашите затвори. Би било интересно да дознаеме што од собраното најмногу ќе се бара, и колку затворениците воопшто сакаат да читаат по нашите КПУ. До тогаш, еве како стојат работите во Хрватска.

Затворот Лепоглава е основан во 1854, тогаш во просториите на бивш манастир. Можеби како продолжение на традицијата на некогашната манастирска библиотека и оваа денешната има доста книги - дури 11,161. Статија на порталот на 24 сата покажува интересна ситуација со најпозајмуваните и најчитани книги.

Прва е „Сечивото на бесмртните", јапонска манга серија од Хироаки Самура. Следи „Матарешкиот круг", шпионски роман на Роберт Ладлам, за американски и руски агенти кои се обидуваат да раскринкаат некаков таен квази-масонски кружок. Трета е „Апсолутна моќ" на Дејвид Балдачи, која раскажува приказна за американски претседател чии служби мора да извршат убиство за да скријат негова вонбрачна афера (по неа е снимен филм со Клинт Иствуд и Џин Хекман).

Сепак, најинтересни на списокот се „Алхемичарот" на Коелјо и книгата во два дела „Најголемите хрватски монструми" од Душан Миљуш, која зборува токму за повеќекратните убијци и нивните злосторства кои ја имаат потресено Хрватска. Објаснувањето на Миљуш е дека неговата книга им е читлива на затворениците затоа што им е лесно да се идентификуваат со претставените ликови и со нивните приказни, а со некои од нив може и лично да се познаваат или да одлежувале во ист затвор.

Што се однесува до Коељо, затворениците веројатно се пронаоѓаат во неговата порака - „колку е важно да се слуша своето срце и да се верува во соништата, затоа што тие можат да ти го сменат животот".

Пишувајќи ја статијава наидовме на интересен блог на затвореник од Хрватска (извесен Гокси). Еден од постовите се однесува на библиотеката во затворот во Сисак:

„Библиотеката има околу 250 книги, главно стари, кои никој не би ги читал ни на слобода. Но книги можат да се нарачуваат од градската библиотека. Пишувате молба која книга ја сакате, молбата ја уфрлувате во сандачето во собата. За неколку денови ви ја носат книгата. За враќање не морате да се грижите, командирите сами доаѓаат да ги земат. Книгите од градската библиотека обично ги носеше една наша командирка од затворот. Убава плавуша. Па и ако не ја донесе вистинската книга, нема да ѝ се замери".

Ете што сè може да го поттикне читањето.

За врската помеѓу затворскиот живот и книжевноста пишувавме и претходно - тука за романскиот закон според кој за секоја напишана книга се скратува казната, а тука за оние кои повеќе би лежеле во апс отколку што би прочитале книга

2 февруари 2016 - 17:24