
На 17 септември, на 93 години, почина филозофот Џон Серл. Веста за неговата смрт во мејнстрим медиумите не беше масовно пренесена, прво затоа што нели не е поп ѕвезда или политичар, а поверојатно, затоа што на старост беше обвинет за сексуално малтретирање од страна на помлади асистенти и колешки. Сепак, останува фактот дека беше еден од највлијателните филозофи на доцниот 20 и почетокот на 21 век. Со својата работа за јазикот, умот и општествената стварност, тој остави длабок белег во повеќе области на филозофијата. Неговиот стил беше јасен, директен и често полемичен – што му овозможи неговите идеи да стигнат и надвор од академскиот свет.
Неговиот најпознат аргумент е мисловниот експеримент „Кинеска соба“ (1980), кој може да се опише на следниов начин: замислете човек кој не знае кинески јазик. Тој (или таа) седи во затворена соба. Таму има голема книга со правила на англиски јазик, каде детално пишува што треба да се направи ако пристигнат кинески знаци – на пример: ако пристигне овој знак, врати го оној знак; ако добиеш ваква комбинација, испрати ја оваа комбинација.
Надвор од собата има луѓе кои пишуваат прашања на кинески и ги подаваат внатре. Човекот во собата, следејќи ги правилата од книгата, ги комбинира знаците и испраќа одговори – исто на кинески. Однадвор изгледа како собата да „разбира кинески“ и како совршено да комуницира. Но во стварноста, човекот внатре не разбира ништо од кинескиот – само манипулира со симболи според однапред зададени правила.
Заклучокот на Серл е: дури и ако компјутер (или вештачка интелигенција) може да одговара на прашања на природен јазик и да изгледа како да разбира, тоа не значи дека машината навистина разбира. Таа само следи правила и обработува симболи, без свест или вистинско значење.
Овој аргумент денес е особено актуелен во време на големи јазични модели (како ChatGPT), кои создаваат импресивни текстови, но без вистинска свесност или разбирање. На некој начин Серл визионерски се обидел да објасни како функционира вештачката интелигенција и да предупреди од нејзино прогласување за нешто „натприродно“. „Кинеската соба“, иако често критикувана поради одредени детали, останува најшироко дискутираниот филозофски аргумент во когнитивната наука во последните децении.