Време е за нов културен снобизам

Културниот снобизам можеби изгледа застарен и непривлечен, но во ера на АИ, алгоритми и безвредна содржина, тој може да биде последниот штит против уметноста што не нуди ништо освен лесна потрошувачка. Наместо да се исмеваат оние кои бараат квалитет, можеби токму тие се неопходни за да се зачува смислата и вредноста на културата.

„Пушти ги луѓето да уживаат“. Ова е ставот кој владее во современата поп-култура и според кој секој вид уметност, без разлика дали е ријалити шоу, блокбастер или поп-хит, се смета за вреден. Но, што ако отфрлањето на културниот снобизам не нè прави послободни, туку нè остава без критериуми – токму во време кога алгоритмите, масовното производство и вештачката интелигенција создаваат „празна“ уметност?

Некогаш постоеше јасна поделба меѓу „висока“ и „ниска“ култура. Во статија во Њујорк тајмс од 2004 беше прв пат употребен терминот „рокизам“ - музичкиот аспект на овој став - според кој панкот е подобар од диско музиката, живите настапи од музичките видеа а „автентичните“ стари легенди (или андерграунд хероите) се богови во однос на најновите поп ѕвезди. Но некаде до средината на 2000-тите ова беше прогласено за дискриминаторно, за сега да се наоѓаме во свет во кој е невозможно да се одделат класиците од „виновните задоволства“, а музичките видеа и реалните шоу програми можат да бидат исто толку влијателни колклу и некој старомоден албум.

Така настана „поптимизмот“ – идејата дека секоја форма на забава е вредна и треба да биде сфатена сериозно.

Социјалните мрежи и фан-културата го зацврстија овој став. Секоја критика сега се доживува како напад или „емотивно насилство“, а ентузијазмот стана доминантен тон. Проблемот е што ваквата безусловна толеранција го отвори патот за содржини без квалитет – комерцијални, имитативни, често создадени од алгоритми или АИ.

Термини како „brain rot“ (мозочна мувла) и „slop“ (ѓубре онлајн содржина) веќе опишуваат како масовната култура може да нè заглупи и да нè остави празни. Токму тоа беа и аргументите на некогашниот културен снобизам – дека површната, масовна уметност е комерцијална и без душа. Денес повторно се гледа потребата да се постават одредени стандарди, бидејќи дури и „средната“ телевизија, поп музиката и филмовите со бескрајни римејкови стануваат сè попредвидливи и испразни.

Културниот снобизам можеби изгледа застарен и непривлечен, но во ера на АИ, алгоритми и безвредна содржина, тој може да биде последниот штит против уметноста што не нуди ништо освен лесна потрошувачка. Наместо да се исмеваат оние кои бараат квалитет, можеби токму тие се неопходни за да се зачува смислата и вредноста на културата.

30 септември 2025 - 08:58