Ќе се преиспитуваат околностите за смртта на Хантер С. Томпсон

Сопругата на новинарот и писател побара нова истрага од Бирото за истраги во Колорадо, иако неговата смрт во 2005 година беше прогласена за самоубиство.

фото: EpaImages

Смртта на Хантер С. Томпсон, таткото на „гонзо“ новинарството, ќе биде повторно разгледана, повеќе од две децении откако беше утврдено дека се работи за самоубиство.

Новинарот и писател, кој почина на 20 февруари 2005 година на 67-годишна возраст, се сметаше дека се самоубил во својот дом во Вуди Крик, Колорадо. Иако нема нови докази што би укажале на спротивното, неговата вдовица, Анита Томпсон, побарала Бирото за истраги во Колорадо да спроведе повторна проверка.

„Свесни сме за длабокото влијание што Хантер С. Томпсон го имаше врз оваа заедница и пошироко“, изјавил шерифот Мајкл Буглионе во соопштение. „Со вклучување на надворешна агенција за нов преглед, се надеваме дека ќе обезбедиме дефинитивен и транспарентен извештај кој може да им донесе мир на неговото семејство и на јавноста.“

Томпсон си пукал во срцето додека бил на телефон со сопругата, а во куќата бил неговиот син, Хуан, кој и го пронашол (види претходно: Мемоарите на синот на Хантер С. Томпсон)

Во тоа време, списанието Ролинг стоун објави белешка за која неговиот пријател Даглас Бринкли тврдеше дека е проштално писмо, под наслов „Фудбалската сезона заврши“. Во него пишуваше:

„Нема повеќе игри. Нема повеќе бомби. Нема повеќе одење. Нема повеќе забава. Нема повеќе пливање. 67. Тоа се 17 години повеќе од 50. 17 повеќе отколку што ми беа потребни или што ги сакав. Досадно. Секогаш сум кисел. Нема забава – за никого. 67. Стануваш алчен. Однесувај се според своите години. Опушти се – ова нема да боли.“

Новата проверка ќе внесе „независна перспектива“ во истрагата што првично ја водеше шерифската служба на округот Питкин и ќе трае „неопределено време“.

2 октомври 2025 - 16:12