Светските агенции јавија дека неодамна дека властите во Бразил воспоставиле интересна програма за рехабилитација на затвореници, кои ќе добијат можност на скратување на своите затворски казни - со читање на книжевни класици.
Програмата наречена „искупување преку читање" во почетокот ќе се применува во четири сојузни затвори, по следните правила: на одбрани затвореници - претпоставката е дека прилика за искупување преку читање нема да добијат убијци, силувачи и останати тешки криминалци - за секоја прочитана книга од подрачјето на класичната книжевност, филозофијата или природните науки, казната ќе им биде скратена за четири дена, годишно максимално четириесет и осум дена, односно за дванаесет прочитани книги. За секое прочитано дело затвореникот, јасно, ќе мора да напише есеј и - кажано со педагошки речник - „со свои зборови" ќе ја прераскаже книгата, по што комисијата ќе одлучи за скратувањето на казната.
Слушнале преку Атлантикот за тоа во далечната земја Хрватска, па им се видело како згодна идеја. Концептот на замена на прочитана книга за затворска казна, по курсот четири дена за книга, во Хрватска - како што наскоро јавија светските агенции - доживеал невиден успех.
- Која книга? - го прашува службеничката од затворскиот одбор не кревајќи го погледот.
- „Или-или: фрагменти од животот" - одговара момчето од другата страна на пултот.
- Ха, Сорен Кјеркегор - службеничката го крева погледот преку рамките на наочарите. - Филозофски, ха?
- Да, во Загреб. Трета година.
- Многу добро - чепка службеничката неколку мига по компјутерот, па му поддава на момчето некаков лист. - Јавите се на Приемно, тамо ќе ги оставите личните предмети и ќе добиете униформа. Распоредени сте во блок Б, ќелија 26.
Програмата „Искупување преку читање", веќе сфативте, е незначително променета, прилагодена на хрватски прилики и на читачките навики, па курсот на замена на прочитана книга за затворска казна се применува по малку обратно начело. Всушност се вика „Искупување со затвор" и на луѓето им пружа прилика читањето дебели и неверојатно досадни книги да го компензираат со пократки затворски казни.
Правилата се едноставни: во замена за книга која не ви се чита - од подрачјето на обврската школска лектира, факултетската настава, професионалната едукација и усовршување, или пак од полето на слободното време, разонодата и годишниот одмор - граѓанинот, ученикот или студентот може да отслужат четири дена затвор, по што од Министерството за правда добива потврда дека, на пример, книгата „Или-или: фрагменти од животот" на Сорен Кјеркегор во целост е отслужена во затворот Лепоглава од 19-23. јуни 2012, што потоа се внесува во индекс во службата за студентски прашања на Филозофскиот факултет.
Не само што програмата доживува незапаметен успех, туку веќе и генерира економски цут на Хрватска: низ целата земја се изградени 40 нови, современи затвори, во кои стотина илјади луѓе одработуваат непрочитани книги, а во програмата - што во затворите, што во Управата за нечитачи - се отворени 20,000 нови работни места.
И издаваштвото секако цути, затоа што книгите се печатат во еден примерок, кого потоа - со уредно издадена потврда од Министерството за правда - ја отслужуваат во просек од 200-250,000 луѓе. Што е бројка со која не може да се пофалат ни многу поголемите и постарите читателски култури.
- А зошто си тука? - плашливо некој новајлија го прашува во лепоглавската ќелија некој крупен, избричен тип со тетовиран Фјодор Михајловиќ на надлактицата.
- Злосторство и казна - процедува крупниот. - Седми пат.
- Седми пат? - зачекорува наназад првиот, удирајќи со темето од ѕидот на ќелијата.
- Аха. Можеби и не изгледам така но обожавам поезија - одговара големиот, па го гледа право во очи. - А ти?
- Јас? Јас сум жртва на недоразбирање. Мојот адвокат доаѓа наваму.
- Недоразбирање, велиш?
- Да, го прочитав целиот Крлежа, но никој не ми верува. Велат, никој никогаш не го има прочитано комплетниот Крлежа.
- Ха, уште еден начитан - се насмевнува бричениот џин за себе. - Сине, имам новости за тебе.
Со тешка рака го прегрнува новајлијата премрен од страв и го носи до прозорецот со убава, решеткаста панорама на затворскиот двор со шеталиштето, игралиштето за кошарка, фитнесот на отворено и неколку стотинa затвореници.
- Ги гледаш овие доле? - му покажува на новајлијата надолу, па го погледнува право в очи. - Сите тука го имаат читано Крлежа.
автор: Борис Дежуловиќ
Извор: Бука