Возниот ред како цивилизациска придобивка

Кога купува билет за кое и да е превозно средство, патникот купува ветување дека конкретен автобус, ферибот или авион во одредено време ќе пристигне на одредена дестинација. Но огромнoто планирање зад сето ова всушност почнало со - возовите. 

Кога зборуваме за железниците, најчесто мислиме на шините, локомотивите и вагоните. Но суштинскиот производ што тие им го нудат на патниците не е самиот воз, туку возниот ред. Тој е мапата што ги поврзува времето и просторот и овозможува луѓето да се движат ефикасно и сигурно од точка А до точка Б.

Железницата не е како патот, кој секој може да го користи кога сака. Движењето на возовите мора да се испланира однапред со прецизност, затоа што целата мрежа е поврзана – секоја линија влијае врз другите. Затоа, патникот всушност купува ветување дека конкретен воз во одредено време ќе пристигне на одредена дестинација.

Главните предности за патниците се брзината и доверливоста. Дури и кога има задоцнување од неколку минути, тоа предизвикува проблеми – токму затоа што се очекува системот да е сигурен. Често зборуваме за „брзи возови“, но вистинската брзина за патникот е времето од поаѓање до пристигнување, вклучувајќи ги преседнувањата. Швајцарија го препозна ова со својот интегрален возен ред, кој го оптимизира времето на врските помеѓу возовите низ целата земја.

Возниот ред треба да ја диктира изградбата на нови пруги, станици или набавката на возови. Јапонија и Швајцарија се успешни токму затоа што кај нив шините и возовите се под еден систем, што овозможува инфраструктурата да се приспособи на потребите на возниот ред. Британија, пак, направи грешка со раздвојувањето на инфраструктурата од операциите по приватизацијата, што често резултира со хаос во услугите.

Е сега, ако возниот ред е цивилизациска придобивка која ги синхронизира времето и просторот на начин кој е системски организиран, стабилен и сигурен, тогаш ситуацијата кај нас може да се опише со оној вицон. Пристигнал некој главешина во село, но не слушнал камбани кои очекувал дека ќе бијат во негова чест. Кога го прашал кметот зошто е тоа така, овој одговорил: „Главешино, за тоа има 101 причина! Како прво...немаме камбана“. Така и ние, за да имаме возен ред прво, нели, би требало најпрвин да имаме асални возови кои нема да заглавуваат на среде пат со часови правејќи глич во време-просторот. За возниот ред после лесно - може да го направиме и со Четџипити.

извор

30 септември 2025 - 19:13