За многумина сепак целата работа неодоливо „смрди" на Орвеловите предвидувања. А и Кафка не е далеку.
Термините како „Големиот брат" и „Орвеловите предвидувања" не само што не ја губат популарноста со текот на годините, туку допрва добиваат на тежина. На што или на кого всушност мислел Орвел кога ја пишувал 1984? Иако лоциран во иднината, романот се базирал на орвеловите ставови за сталинистичка Русија и нацистичка Германија, но и на сопствените искуства како новинар и офицер на британската империја. Во текот на неговата служба во Бурма, на пример, од него било барано да води детални досиеја, така што имал шанса детално да се запознае со применуваната методологија. Тоа не спречило и самиот да биде следен - кога британската влада во 2007 го отвори неговото досие, излезе дека МI5 го следела од 1929 до смртта во 1950.
Орвел значи не би бил изненаден што владите сакаат да го зголемат политичкото следење, оправдувајќи го со „борба против непријателот". Она што веројатно би го изненадило е пристапот до лични податоци од страна на приватни компании, како Веризон, Гугл и Јаху, но и „следењето" кое го вршат најобични граѓани (во романот на Орвел наречени proles), кои ѝ помагаат на државата да ги држи на око сите и секого. Ова не мора да се прави сосема свесно за сите консеквенци од постапката и пропорциите кои тоа може да ги добие. Пред неколку дена една жена постираше фотографија на човек кој седел близу неа во воз, и кој се фалел на пријателите дека ја изневерува жената. Од среда до сабота сликата беше споделена повеќе од 170,000 пати.
Помешаните чувства на луѓето во врска со рамнотежата помеѓу приватноста и безбедноста би му биле блиски и на Кафка, и на бирократиите кои се вон секоја контрола, кои го опседнувале. „Во целата ситуација има многу елементи кои се Кафкијански", вели Стенли Корнголд, почесен професор по германска и компаративна литература на Принстон. „Кафка покренува прашања не само околу тоа како владите собираат големи количества информации како огромна правосмукалка, туку и што прават со нив.“ А тоа е главно - ништо. Во романот „Замок", на пример, властите не можат да пронајдат документ кој ќе одреди дали лицето кое е притворено навистина се бара или не. Во расказот „Големиот кинески ѕид", пак, Кафка иронизира со обидот државата да заштитува од „варвари", а од друга страна самата врши варварски дела, од кои нејзините граѓани не се заштитени.