Кај нас на 2 јануари се празнува Свети Игњат, кога првиот гостин во домот, таканаречен „полазеник“ го сигнализира „карактерот“ на претстојната година. Но Јапонците веруваат во малку поинакви први гости - соништата - кои нè посетуваат ноќта помеѓу 1 и 2 јануари според грегоријанскиот календар, кој во Јапонија се применува од 1873. Оваа ноќ се зема како почетна бидејќи на 31 декември обично и не се спиело, туку се славело.
„Хацујуме“ (hatsuyume ) како што се нарекува тој прв, пророчки сон, се смета за особено позитивен ако во него се појавува некое од овие три нешта: светата планина Фуџи, птицата сокол и - модар патлиџан!
Бизарниот избор се објаснува со јапонската љубов кон хомофоните, зборови кои звучат исто но имаат различно значење. Јапонскиот збор за модар патлиџан е „насу“, што по звук е ист со терминот за „успех“ и „постигнување“.
По истиот принцип се објаснува и зошто за добар знак се смета и сонувањето ќелав човек. „Без коса“ е „кеганаи“, а на ист начин се изговара терминот за „неповреден“ односно заштитен.
Симболиката на планината Фуџи е појасна, со оглед на тоа што тоа е највисоката планина во земјата, инспирација за генерации поети и уметници. Но ако не ги сонувате падините на Фиџи, сличен ефект може да има тутунот, со оглед на тоа што чадот од него се крева во височините.
Соколот е исто така традиционално моќен симбол во јапонската уметност, често се среќава на сликите на славниот сликар Хокусаи, но тоа била омилена птица и на водачот на династијата Токугава, која владеела цели 250 години.
Koмбинациите на симболи децата ги памтат како песничка „ичи-фуџи, ни-така, сан-насуби“ (Фуџи, сокол, модар патлиџан), а следни на листата можат да бидат ладало, слеп масер и други симболи.