Англискиот е доминантниот јазик на науката, па сепак во него не постои збор за специфичниот мирис на бубашваби, како што има во тајванскиот (málɛ̀ɛng sàap - гаден мирис на инсекти). Но што се случува кога во некој јазик недостасуваат зборови за основни научни термини?
Јужноафриканските деца чијшто мајчин јазик е зулу имаат проблем да сфатат што е тоа „фосил“, затоа што во во него нема таков збор. Иако јазикот го зборуваат 12 милиони луѓе, во него недостасуваат зборови за голем број научни концепти. Вообичаено ваквите проблеми се решаваат со описни изрази („стари коски најдени во земја“), но тие можат да бидат прилично непрецизни, во случајот затоа што фосили не мора да бидат коски туку и растенија.
Ова важи не само за говорните, туку и за знаковните јазици. Неологизмите (новоизмислените зборови) можат да се фокусираат на ефикасноста, па така еден студент по медицина од Шкотска измислил знак за делче од ДНК, наместо комплицираното за спелување со прсти, „дезоксирибонуклеотид“.
Од „имунолошки систем“, до „диносаурус“, понекогаш не е проблемот во недостатокот на некој збор, туку од суштинско значење е формулата како тој да се измисли. На тој начин се создава можност и за корегирање на некои предрасуди и грешки кои постојат во англиските термини. На пример „диносаурус“ (кој се користи и во македонскиот) е всушност погрешна одредница, бидејќи на старогрчки тоа значи „грозен гуштер“. Професор по природни науки во основно училиште од Јужна Африка, Сибусисо Бијела, кој работи на креативно создавање научни термини кои недостасуваат во јазикот зулу, за диносаурус предложил isilwane sasemandulo или „древно животно“.
Некои од неологизмите се многу попоетски споредени со англиските еквивалентни. Клиничкото „имунолошки систем“ има многу поописна варијанта во зулу: amasosha omzimba или „телесни војници“, што е и многу поедноставно за комуницирање со пациентите.
Една од стратегиите, освен измислување нови зборови, е и нивно позајмување, но не директно од англискиот туку од други, поблиски јазици. На пример во амазонскиот јазик јуџја, кого што го зборуваат помалку од илјада луѓе, за медицински и научни термини се зајмат зборови од бразилскиот португалски, и се прилагодуваат на домородниот говор. Таков е е случајот со португалското „литро“, мерка за течност која народот Јуџја не ја користел, а наместо тоа со прсти ја изразувал висината на течноста.
Да не постои збор за „дијареја“ или „вакцина“ може да биде не само незгодно, како во погорните случаи, туку дури и опасно. Оттаму, важно е да се развиваат термини од областа на науката и медицината кои би биле ефикасни но и органски прифатливи во јазиците каде што тие недостасуваат. Спротивното од ова е сите да ги користат англиските термини, но притоа да не ги разбираат.