Ноќен летен ритуал низ Шпанија, која и нам ни е позната, не само во селските средини туку и во некои градски маала. Како што смалува жештината, на улица се вадат столици, понекогаш и мезе или пијачки од блиската пиљара, и луѓето ем се социјализираат, ем се ладат.
Ова е традиција во гратчето Алгар, кое има околу 1400 жители. Неговиот градоначалник сега бара традицијата да биде признаена од страна на ОН како нематеријално културно наследство. Целта е да се заштити повеќевековниот обичај од агресивниот наплив на социјалните медиуми и на телевизијата, и да се одржат муабетите лице в лице, кои понекогаш предизвикуваат и конфликти, но се по здрави (барем се надвор, на чист воздух) и ја намалуваат осаменоста.
Гратчето има прекар „пуебло бланко“ или бел град, а неговите жители како и многумина други низ светот се погодени од пандемијата и недостатокот на социјализација. Хозе Карлос Санчез, градоначалникот на Алгар, кој често ги минува летните вечери на прагот на куќата на својата 82-годишна мајка, нуди цел список добри страни на она што е познато како charlas al fresco (муабет на отворено), од заштедите на електрична енергија поради исклучувањето на климатизерите на неколку часа, до чувството на заедништво кога соседите се жалат на политика или ги оговараат другите соседи.
Дури и иницијативата да не помине, гратчето кое се наоѓа помеѓу два природни паркa во јужна Шпанија, успеа преку неа да го привлече медиумското внимание.