Камен во селото Плугастел-Дулас во Бретања, Франција, содржи натпис кој изгледа отприлика вака:
ROC AR B…DRE AR GRIO SE EVELOH AR VIRIONES BAOAVEL
И ако ова нешто ви значи, и мислите дека можете да го протолкувате, тогаш се квалификувате за награда од 2000, не во камени парички, туку во реални евра.
Дали можеби карпата содржи љубовно писмо чии тајни останале недопрени со векови, или е некакво завештание на градител на тврдини? Можеби нешто уште помистериозно. Клучот за смислата на животот? Натписот е изрезбан во каменот со големи букви, а има и мали слики кои вклучуваат брод со едра. Видливи се и два датума, годините 1786 и 1787. Тие кореспондираат со времето кога во оваа област биле конструирани артилериски орудија за да го заштитат блискиот град Брест.
Теориите засега се дека текстот е на баскиски или на старо-бретонски. А целата акција делува како нешто од „Кодот на да Винчи“. Рокот на испраќање е 30 ноември, а потоа жири ќе се состане за да ги одбере предлозите кои имаат најмногу смисла и да ја додели наградата.
Што се однесува до пријавувањето, француските медиуми се подеднакво криптични во откривањето на начинот на кој треба да се испратат преводите. Велат дека конкурсот се наоѓа на сајтот на општината, но освен тоа што дознавме дека таа организира фестивал на јагоди и на хумор, друго не успеавме да најдеме. Веројатно е и ова дел од пакетот - ако откриеш како да учествуваш, тогаш најверојатно си открил и што пишува на каменот.