Што е тоа што нè тера да се однесуваме така, сеирџиски? Според одличното видео подолу, има два главни елементи: идентитет и самодоверба. Човечкото општество е дефинирано преку конкуренција и споредба, па ако некому му оди полошо од нам, тоа ни е поен плус. Ова особено во случаи кога нечија невоља изгледа заслужено, затоа што тој бил арогантен и пресамоуверен. Или само преуспешен, што ги објаснува нашите ситења на наглите пресврти на судбините (на лошо) на славните личности.
Ова се случува на ниво на поединец, но и на ниво на групи - од спортски клубови кои се ситат на поразот на конкурентите, до цели народи. Но најопасен е во сферата на политиката, затоа што тука бројот на инволвираните луѓе може да се брои во милиони, и иако многумина од нив можат со право да се ситат на лошите вести за неуспехот на (на пример) владеачката елита, последиците од погрешните политики притоа ги трпат сите.
Како идеална фигура која го отелотворува Сеирот во сета негова блескавост авторот го наведува Трамп, кој за време на претседателската кампања ја отвори Пандорината кутија на сеирот, и покажа дека може да се биде ослободен од вина ако се ситиш на нечија мака. Неговите испади во оваа смисла медиумите (без оглед дали ги оправдуваа или критикуваа) ги дочекаа со отворени раце, со оглед на тоа што им обезбедија содржина која се клика, гледа и продава...пак заради сеир.
„Денес живееме во отровна мешавина на забава, политика, новинарство и сеир“, се вели на крајот во видеото. Звучи препознато. И преневесело, дури и за сеир.
Претходно: ТЕДх видео за можната врска меѓу сеирот и светогледот во македонскиот