Се отвoра нов музеј на Курт Вонегат

Во 2011 во Индијанаполис, родниот град на Вонегат, се отвори мал музеј и библиотека, во премал, дониран простор. Наскоро стана јасно дека тој не може да ги собере сите документи и предмети. Вработените направија кампања и собраа 1,5 милион долари за да се преселат во ново и подостоинствено место во истиот град. Од 22-28 септември тој е отворен за „ѕиркање“ пред официјалното отварање.

Ова се неколкуте оддели во новиот музеј на Вонегат кои сега ќе го добијат заслужениот простор:

Изложба посветена на слободата на изразувањето

Славејќи ја доживотната мисија на Вонегат за заштита на правото на изразување, оваа поставка вклучува 100 најчесто забранувани книги во библиотеки и училишта во САД, како и екрани на допир кои ги водат посетителите низ историјата на слободата на говорот и уметнички дела на оваа тема. Датумот на неофицијалното отварање, 22.9, се поклопува со Неделата на забранети книги.

Работната соба на мајсторот

Оваа просторија постоела и во претходната верзија на музејот. Таа содржи копија на машината за куцање на писателот на која посетителите можат да напишат своја порака, неговото „Пурпурно срце“ - орденот за заслуги кој го добил за служење во Втората светска војна (според негови зборови „за тоа што му замрзнале прстите“), како и аудио снимки на кои тој чита извадоци од своите дела.

Џез поставка

Вонегат ја сакал музиката, особено џезот. Оттаму, ќе биде инсталиран надворешен „тунел“ во кој ќе може да се слуша музиката на џез гитаристот родум од Индијана, Вес Монтгомери, и да се научи за историјата на жанрот.

Мурали

На надворешните ѕидови на новиот музеј уметницата Памела Блис која го има нацртано и огромниот мурал на главната авенија на градот (фото горе), ќе наслика уште два мурала на Вонегат. Едниот од нив ќе биде автопортретот на писателот.

Со оглед на тоа што оваа година се навршува половина век од излегувањето на „Кланица пет“, музејот ќе го прослави златниот јубилеј со до сега најголемото бесплатно делење книги, на секој ученик во втора година средно во државата Индијана.

25 септември 2019 - 08:38