Самоубиството како грев во средовековна Европа

Пандемиската изолација, страв и несигурност причинуваат пораст на самоубиствата во светот. Денес размислуваме за него како за психолошки проблем, но тој е истовремено бил, и сè уште е и религиски.

Древни римски филозофи и државници се залагале за самоубиство како за единствено достоинствено решение во невозможни околности. Така, Като помладиот, бранител на Римската република, познат по високиот морал и некорумпираноста во време кога овие карактеристики помеѓу римските функционери биле реткост, откако слушнал дека Цезар ќе биде политички водач на Рим, го одбрал филозофскиот начин да се одјави - со самоубиство.

Но подоцнежните, средовековни христијански теолози биле во голема мерка повлијаени од ставовите за самоубиството на Августин, кој го сметал како вид убиство, забрането согласно десетте божји заповеди. Од шестиот век наваму, католичката црква не дозволувала формални погребни обреди на самоубијците (истото важи и за православието). Уште еден елемент го поврзувал самоубиството со гревот - фактот дека Јуда, барем според Житието на Матеј, се обесил откако почувствувал вина за предавањето на Исус. Така во средовековната христијанска мисла овој наратив ги поврзал двете нешта - очајот од направениот грев и убивањето на самиот себеси.

Помеѓу 11 и 13 век и судскиот систем почнал да го осудува самоубиството. Во 12 век, на пример, голем дел од Европа почнал да го третира како кривично дело, делумно и затоа што на тој начин се уништувал имотот на феудалниот господар. Зависно од специфичното време и место, поседот на некој кој умрел со самоубиство можел да биде одземен од монархијата. Во раниот 15 век во Франција, законот барал куќата на самоубиецот да се сруши, неговите ниви да се запалат а шумите да се исечат.

Најинтересниот момент е постхумната тортура на телата на умрените, делумно инспириранa од народни верувања, дека тие се уште се „немирни“, односно дека во нив се уште пребива неспокојната душа. Веќе мртвото тело можело да биде дополнително „убиено“ - со бесење, или во случај на жени со горење. За да не се повампират биле закопувани на раскрсница со колец забоден во срцето. Во случај во Швајцарија, се сметало дека закопувањето на жена-самоубиец во обични гробишта предизвикало големи бури и невреме, па градскиот совет едноставно одлучил телото да биде повторно ископано и фрлено во Рајна.

извор

23 март 2021 - 09:57