* содржи расипувачи (на забава)
После затвореници, таксисти, живи мртовци, платени убијци и современи самураи, некако му доаѓа логично дека Џармуш би можел да направи филм за - вампири.
Сепак, ако некогаш имало поневампирски филм кој зборува за овие крвољубни суштества, тогаш тоа е овој. Целосно деконструирајќи ја фолклорната претстава за вампирот како безмилосен „повратен" мртовец, грд, примитивен, груб, кој ги измачува луѓето правејќи разни зулуми, понекогаш не заслужувајќи ни да личи на човек туку само на мев полн крв или сенка, Џармуш повампирува два крајно привлечни и суптилни ликови. Адам (Том Хидлстон од Тор) и Ева (Тилда Свинтон) се пра-стари, исто колку и нивната љубов. Заедно поминале многу - чума, инквизиција, војни и пропаст на цели цивилизации, но биле и „живи" сведоци и на тоа како големите уметници ги создавале нивните дела, активно помагајќи им (Адам, музичар, компонирал за Шуберт).
Складирајќи ја во себе културната историја на човештвото, тие често спомнуваат некои од нејзините (главно западни) корифеи, или директно алудирајќи на нив низ дијалозите, или визуелно, преку реквизит или слика. На ѕидот на станот на Адам стојат закачени десетици фотографии на нему по сензибилитет блиските некогашни современици, а сега предци, од Бастер Китон до Оскар Вајлд, сите по малку осамени, цинични, „велтшмерц" типови (не забележавме ниедна жена), кои исто како и тој своето страдање го преточувале во креација. Изворот на неговото суштински не се разликува од нивното, туку само хронолошки е поместено понапред - луѓето се претвораат во зомбија (во филмот очигледно контрапункт на софистицираното „вампирство"), современата технологија е бездушна (за разлика од прекрасните примероци на ретро инструменти и музичка опрема кои Адам ги набавува преку човек од доверба), револуционерните умови завршуваат несфатено и трагично, а луѓето не покажуваат емпатија за ближниот.
Сето ова го доведува Aдама на работ на самоубиство - во неговиот случај со нарачан куршум со врв од цврсто дрво (современа замена за глогов колец), кој би требало да му го пробие срцето. Ваквиот чекор го одложува кога Ева чувствувајќи ја неговата криза најавува дека ќе го посети, патувајќи (само ноќе) од далечното Мароко, каде живее од за нас непознати причини разделена од саканиот. Таму нејзин снабдувач со крв е никој друг туку Кристофер Марлоу (Џефри Рајт), англискиот драматург и поет кој според една теорија (која филмот ја поддржува) е всушност вистинскиот автор на Шекспировите дела. Адам пак во неговиот дел од светот се снабдува со крв од подмитен трансфузиолог-дилер, во чија болница влегува преоблечен во доктор, но со стетоскоп, лежерно префрлен преку мантилот, кој се користел во минатиот век. Во една од најдобрите хумористични сцени во филмот, кои ги има повеќе во најдобриот „дедпен" манир, Адам со темни наочари, маска на уста и беџ на кој пишува „д-р Фауст" влегува во лабораторијата преплашувајќи го неговиот снабдувач, на чиј беџ пак пишува - „д-р Вотсон". Тие мртви ладни, вие под столче од смеење.
Пинг-понгот со културолошки референци е чест и брз, со опсег од библиски мотиви, до Џек Вајт од The White Stripes. И покрај сето напрегање тешко е да се забележат баш сите наслови кои Ева ентузијастично ги пакува за нејзината посета на љубовникот - од Кафка во оригинал, до Infinite Jest на Дејвид Фостер Валас. И таа како и Адам е дел од истото интелектуално генетско стебло, но без непотребното ламентирање над сопствената трагична позиција во суровиот свет. Кога го пронаоѓа пиштолот на Адам и ги сфаќа неговите самоубиствени намери таа наместо да се притресува жестоко го кара за неговото самосожалување, и му вели - наместо да кукаш, земи танцувај! Така помеѓу двата стереотипно темни, демонски ликови, таа е сепак онаа посветлата, русокосата и со бели ракавици, наспроти неговите катран коса и ѕифт црните ракавици. Обајцата ги вадат само кога се на само.
Нивниот вампирски јин-јанг го нарушува посетата на сестрата на Ева, Ава (Миа Васковска), која со нејзината раскалашна младост и телесност е поблиска до вампирскиот архетип. Откако лакомо им ги пие резервите крв кои тие толку внимателно ја складираат и пијат од елегантни кристални чашки како за ликер, таа не одолева да го нападне и обескрви и единствениот човечки познаник на Адам, оној истиот кој го снабдуваше со винили и антиквитетни гитари. И тој, а и таа, после ова мора да заминат - тој на отпад, а таа назад во „главниот град на зомбите", Лос Анѓелес, од каде и дошла.
Откако безбедноста на Адам и Ева е нарушена по глупоста што ја прави Ава, тие мораат да заминат во Мароко. Но каналот за снабдување со крв таму е прекинат, бидејќи „учителот" Кристофер, заразен со нечиста крв од локалната болница, умира. Пиејќи ги последните капки од неговите резерви, Адам и Ева се речиси сигурни дека овој пат нема да преживеат. Сè додека не здогледаат млад љубовен пар кој се бакнува пред нивни очи. Здрави, прави и заљубени, тие им изгледаат како одличен извор за чистата крв која им е потребна. Така обата пара љубовници опстануваат - едни продолжуваат со нивната вечност, а другите тукушто ја започнуваат.
Филмот двојно си поигрува и со столбовите на поп-културата (оние холивудските, од картон), и со елитистичкиот став на „романтичните суицидални битанги" од типот на Бајрон и Шели, кои се хранат од „крвта" (еланот, талентот, креативноста) на сосема обичните, здрави луѓе, кои уживаат во животот без непотребно да го рационализираат и вербализираат и без чија енергија и уметноста би била - бескрвна и бледа. Историјата во таа, а и во секоја друга смисла, циклично се повторува, симболизирано со кружното движење на камерата од кое ви се врти во глава во првата сцена. Таквите, интелектуални „вампири" можеби го менуваат својот стајлинг и мени (сте за еден Снежец од крв?), но својата ќуд никогаш.
Има една работа со која Џармуш сепак не иронизира - моќта на љубовта, онаа зрелата и сигурна во себе, да премине историски и географски граници, и да овозможи мигови кои ги нарекуваме „вечност". Онаа љубов за која вреди да станеш од кревет...секоја вечер.
Прекрасниот саундтрак (Либанката Јасмин Хамдан сигурно нема да ја пропуштите на крајот од филмот):