Жак Одијар, режисер на филмов, во 2009. имаше номинација за Оскар за најдобар филм од неанглиско подрачје со „Пророкот", затворска драма во која еден алжирски имигрант, иако на почетокот делува мутаво, успева да стане главна фаца, и да ги потисне дотогашните „главешини" од корзиканската мафија.
„Рѓа и коски" го претставуваат како љубовен филм, но и тој на многу начини е за преживувањето во суровиот свет, овој пат на, колку и да звучи чудно, Азурниот брег во Франција.
Али на свои 25 години доаѓа тука со неговиот петгодишен син (судбината на мајката не е јасна), и фрла око на Стефани, тренерка на китови во некаков забавен воден парк, која непосредно откако ќе се запознаат паѓа во базенот и останува без двете нозе.
Неговиот неверојатно кул однос кон овој факт, ослободен од секаква патетика, и насочен само кон тоа практично да ѝ помогне (да исчисти по дома, да почне повторно да плива, да почне повторно да има секс) ја освојуваат и ѝ помагаат повторно да се врати во живот. Таа од своја страна му дава поддршка кога тој почнува да се тепа за пари во мечеви за кои паѓаат големи облози, а кои повеќе личат на пресметка помеѓу пит-були.
Целиот филм е таков контраст, помеѓу човечкото и ѕверското - ако е ова љубовна приказна, таа истовремено е и некаков вид „воена" драма, за битките кои ги водат ликовите самите со себе, со другите и со суровоста на светот. Тоа е особено добро пресликано во моментот кога Стефани, затечена од вниманието кое ѝ го посветува Али но и од неговиот тотално лежерен однос кога се во прашање други девојки („јави ми се, па ако бидам ОП - оперативен, ќе се видиме") во еден момент бара од него ако веќе остануваат заедно тоа да биде со повеќе такт - „не како животни".
Сцените во кои главната глумица, одличната Марион Котијар, е без нозе, гола или само во купачи, се еден од најимпресивните дигитални ефекти на филм - колку што се сеќавам тоа е веќе направено во Форест Гамп со нозете на поручникот, но тука истото е доведено до перфекција. Првата сцена на секс каде отсуството на нозете е скроз неприкриено фаќа на сец, но сите понатамошни имаат атмосфера на она што една критичарка го нарече „романтичен натурализам", ослободен од табуа и срам.
Катарзата на нивниот однос се случува на крајот на филмот, кога Али го пречекува син му во местото каде е привремено заминат за да тренира бокс, и да се тргне од дома заради тоа што е соучесник во еден скандал во локалниот супер-маркет каде работеше како чувар. Детето пропаѓа во дупка во замрзнатото езеро, а на Али му требаат неколку минути (кои делуваат бесконечно долго) за да го пронајде и извади. Дур е детето во болница тој конечно ѝ се отвара на Стефани по телефон, и филмот завршува како сите тројца среќни присуствуваат на нешто што личи на доделување боксерска награда, но и на крај на меч од кои сите излегуваат со повредени коски, кои никогаш нема до крај да зараснат.
Песната Wash на Бон Ајвер од филмот: