Резигнираниот и разочаран Крлежа

Во Хрватска излезе од печат нова книга, „1960-тите: дневнички фрагменти“, во која на четириесетина до сега необјавени страници од 1953 и 1968 се гледа колку, и поради што Крлежа бил резигниран и скептичен кон своите колеги-писатели и кон тогаш бунтовната младина.

Издавачката куќа „Бодони“ објави „нови“ дела на Крлежа, односно такви кои до сега не ѝ беа познати на пошироката јавност. Станува збор за книгата „1960-тите: дневнички фрагменти“, поголем дел од неа објавен претходно, пред 45 години, како резултат на соработката на сараевско „Ослобоѓење“ и загрепската „Младост“. Но во вториот дел од книгата се објавени два до сега необјавени ракописи, исто така дневничка проза, првиот од 1953, а вториот од 1968.

Стилот на водење дневник на Крлежа е прилично нетипичен. Не се работи за просто бележење на настани, туку записите се полни со рефлексии за историски личности и настани, опис на пејзажи, чекорење низ времето наназад и присеќавање на соништа и дамнешни денови. Така, дневничките записи од 1953 се од април и се однесуваат на неколку денови по смртта и закопот на Борис Кидрич. Во нив се спомнуваат и Едвард Кардељ, Милован Ѓилас и неговата прва сопруга Митра. Од тие десетина страници е очигледно дека Крлежа е длабоко вкоренет во политиката, сентиментално се простува од Кидрич, а пишува и за детството, тема на која често се навраќал.

За Хрватите, но и за историјата на поранешна Југославија воопшто, сепак поинтересен е делот на дневникот кој се однесува на 1968. Тогаш Крлежа има 75 години, резигниран е, загрижен за иднината, со недоверба кон младите и со иронија кон своите современици. Особено се навраќа на настаните од 1967 поврзани со Декларацијата за називот и положбата на хрватскиот литературен јазик, документ кој излегол во весникот Телеграм со потпис на 18 научни и културни установи во тогашна СР Хрватска, реакција на наводниот јазичен унитаризам во Југославија, односно доминацијата на српскиот јазик. Таа декларација ја потпишал и самиот Крлежа, а поради тоа морал да даде оставка во членството во ЦК на Сојузот на комунисти на Хрватска. 

Самиот себеси тој по овие настани се опишува како разочаран национално освестен Хрват, но истовремено и заговорник на југословенството, а сите спротивни ставови ги нарекува „губиток на помнењето“ и „предзнаци на којзнае што“. По период од половина век излегува дека визионерски ги насетил сигналите за крвопролевање помеѓу до тогаш братските народи. Помеѓу ваквите предзнаци тој ги наведува славистите од Словенија кои тогаш апелирале нивните делегати во Сојузното собрание да зборуваат на мајчин јазик и телевизискиот дневник да се емитува на словенечки, и со лутина укажува на тоа дека тоа ним тоа изгледа им е дозволено, но не и на Хрватите кои за истото се обвинувани за национализам. 

Во делови кои се веројатно поинтересни за хрватската читателска публика, со презир пишува за помладите колеги родени во 1930-тите, кои според него се материјалистичка генерација која ја интересираат само пари и иако имаат само по 30-тина години веќе се умориле од животот. 

Што се однесува до економската ситуација во тогашна Југославија, тој го опишува пролетерот како „феудален работник“: „Нашиот рудар, кој копа јаглен со сопствен копач во лежечки став како пред стотици години, кој го копа својот сосема слаб нерентабилен лигнит на архаичен, примитивен и нерентабилен начин, нашиот денешен рудар не е рудар во западноевропска смисла, туку сезонски ангажиран кмет и селанец, кој пешачи до своето работно место просечно десет и повеќе километри, а всушност е социјален паразит, ни тука ни таму“. 

Крлежа е особено недоверлив кон политички ангажираната младина. За него настаните од таа бурна 1968 во Европа се „кршење на прозорец без некој план. Тоа се излети на студентите за завземање не на политичка власт, туку само на сорбонски амфитеатар или на Одеон“. Неговата генерација била инспирирана од постоктомвриска Русија, а од побунетите студенти во неа не верува веќе никој. Младите според него се корумпирани, а такви се всушност затоа што живеат подобро отколку што живеела неговата младост. „Оваа генерација е корумпирана со илузии за благосостојба, не е способна да се ангажира за какви и да е принципи, а живее во трајна психоза од страшно очекување на катастрофа“. Ова и денес звучи некако познато. 

извор

5 септември 2022 - 08:05