На јутјуб каналот „Животот во 1800-тите“ е поместена збирка на архивски снимки, реставрирани и обоени, кои главно се состојат од разговори со поединци кои се родени некаде кон средината на 19 век.
Еден од нив, на пример, е изумителот Елиху Томсон, роден во Англија во 1853. Томсон емигрирал со своето семејство во САД во 1857. Се населиле во Филаделфија каде тој на 11 години не бил примен на училиште затоа што не бил доволно стар за да влезе во средно. „Држете го понастрана од книги и оставете го да созрее физички“, бил советот на педагозите. На што младиот Томсон одговорил: „Ако го направите тоа, подобро убијте ме уште од сега, затоа што морам да бидам со моите книги“.
Една од тие книги била полна со хемиски и електрични ексмрименти, а со тоа што самиот ги правел тој се здобил со први познавања на електрицитетот, феномен од огромно значење за развојот на остатокот од 19 век.
Друг интервјуиран соговорник, Алберт Солт, роден во 1867 имал 14 години кога започнал да работи за Вестерн електрик. Почнал да напредува и на крај станал Претседател на сестринска компанија која доминирала со пазарот на електрични апарати во 20-тите години на 20 век.
Збирката содржи и спомени на двајца поранешни робови во 1840-тите и 1850-тите. Истовремено, големите технолошки напредоци се преплетуваат со деновите на Дивиот запад. На оваа тема е интервјуто (само аудио) на ветеранот од Граѓанската војна, Вилијам Хенри Џексон, по професија фотограф, кој во него се сеќава на aмериканскиот запад „пред доаѓањето на каубојците“.
Најново видео е она во кое филозофот Бертранд Расел зборува за својот дедо, некогашен премиер на Британија, кој не се согласувал со британската политика на мешање во внатрешните работи на Франција и по 90-минутна средба со Наполеон ја отфрлил објавата за војна против човекот кој непосредно пред ова бил вратен од егзил.