Птиците никогаш не се воздржувале од тоа да претворат човечко ѓубре во материјал за гнездење, но дури и експертите во оваа област со чудење креваат веѓа на најновите сознанија до кои дошле набљудувајќи го однесувањето на урбаните чавки и страчки.
Гнезда откриени на дрвја во Ротердам во Холандија и Антверпен во Белгија биле направени речиси исклучиво од парчиња долги метални шилци кои често се прикачуваат на згради и други објекти за да ги обесхрабрат птиците да се стационираат на тие места.
Откритието ги поттикнало истражувачите во Природнонаучниот музеј во Ротердам и Центарот за биодиверзитет во Лајден да пребаруваат по интернет за други примери, што довело до идентификација на исти такви гнезда во Глазгов и во Холандија.
„Мислев дека сум видел сè“, изјавил Крис Моликер, директор на Природонаучниот музеј во Ротердам, кој ги проучувал гнездата близу дрвјата на главната железничка станица на овој град. „Не го очекував ова. Металните боцки се наменети за плашење на птиците, но тие го прават токму обратното, храбро ги откачуваат и ги ре-употребуваат“. (Патем, Моликер претходно има добиено Иг Нобел за документирањето на првиот познат случај на хомосексуална некрофилија помеѓу патки).
Станува збор за креативни чавки и страчки, со тоа што вторите биле уште покреативни: тие ги поставиле боцките на покривот на гнездото, токму онака како што тоа за нив обично го прават луѓето, за да ги избркаат потенцијалните предатори, вклучително други птици и ласици.
Ова не е прв пат птици да вклучуваат урбани материјали во своите гнезда. Во 1933, јужно-африкански музеј соопштил дека пронашол гнездо направено од дебела бакарна жица, галванизирано железо и бодликава жица. Покрај овие материјали, во гнезда можат да се најдат дури и игли од шприцови, шајки и штрафови. Едно гнездо најдено пред 25 години им припаѓало на галеби кои близу рафинерија за нафта не можеле да најдат ништо природно, па го употребиле единственото што го имало - жица со „окца“.
Речиси 200 видови птици прават гнезда со потенцијално опасен човечки отпад, како отпушоци од цигари, пластични ќеси и рибарски мрежи. Но ова што го креираат страчките и чавките има и тон на уметничка инсталација и иронија, затоа што истите средства наменети за нивното бркање сега стануваат дел од нивниот „природен“ простор.
Види претходно: Осврт за „Вингспен“, друштвената игра со птици