Кожата е граница помеѓу нашите тела и светот, она што нè поврзува но истовремено и нè одделува од него. Преку кожата зборуваме - кога ја сончаме, кога ја тетовираме или кога ја „замолчуваме“, покривајќи ја со облека. Таа е потценет орган кој кажува многу нешта за тоа кои сме, влијае врз тоа како другите гледаат на нас, особено ако ни се случи таа да заболи.
Во книга под едноставен наслов „Кожа“ (2020), шпанскиот автор Серџо дел Молино зборува за личности од историјата и од книжевноста кои биле измачувани од болна кожа. Сепак, почнува од самиот себеси и својата псоријаза - незаразна системска болест за која не постои лек, а се одразува со промени на кожата на лактите, колената, дланките и скалпот. Но таа е многу повеќе од болест на кожата - доколку е повеќе изразена може, особено кај помлади лица, да доведе до повлекување во себе и депресија. Кај повозрасните таа може да биде извор на постојана нервоза и светоглед полн со омраза.
Еден ваков пример е Сталин, кој ретките мигови на спокојство го наоѓал во базен во Сочи, каде ја киснел својата псоријаза. Сличен метод имал и нарко босот Пабло Ескобар, кој поради псоријазата страдал од несоници и се затворал под туш за да му олесни. Набоков во егзил ѝ пишувал на сопругата - „Сè би било во ред да не е оваа проклета кожа“. Џон Апдајк се лечел сончајќи се на Карибите. А пејачката која беше славна во 1980-тите, Синди Лопер, како знак на солидарност со оние кои страдаат од истата состојба, се согласила да учествува во реклама за лек кој ветувал олеснување.
Ова секако не значи дека имањето ваков тип на кожна болест по дефиниција резултира со иритантен карактер. Фокусирајќи се на таквите случаи, Дел Молина како да ја прави ваквата врска и нè остава да се прашуваме зошто милиони псоријатични пациенти ги живеат своите животи без да се претворат во убер-злосторници, или барем тешко подносливи карактери. Понекогаш, како во случајот на Апдајк, таа е само извор на намалена самодоверба и страв. Така тој се опишува себеси, преку свое алтер-его, кога се среќава со преубава библиотекарка при посета на Ангила во Карибите:
„Неговите раце и нозе беа тетовирани со големи парчиња псоријаза...Му се тресеше душата да биде виден во ваква состојба од младата девојка со нејзината црна кожа, додека му ги поддаваше неколкуте крими романи“.
Физичкото страдање, особено она хроничното, кое не убива, но го отежнува животот, секако може да влијае врз светогледот и начинот на однесување. Оттаму, оваа претпоставка, дека тоа е еден од изворите на „лошото“, или барем необичното во човекот, не треба да се занемари.