Овие песни се само мал дел од новото, огромно 40-томно издание на собраните дела и писма на Лоренс, во издание на Cambridge University Press, во кои има и други 860 песни, од кои голем број претходно биле достапни само во цензурираните верзии.
Речиси сите книги поезија на Лоренс биле подложени на цензура, изјавил Кристофер Полниц, уредник на изданието, a издавачите, уплашени од тоа да бидат поврзувани со острите критики кои ги упатувал Лорес кон империјалистичка Британија, отстранувале од песните различни имиња на места и луѓе кои можеле да им предизвикаат невољи.
Една таква цензура во песните се однесувала на спомнувањето на градот - Солун. Во песната „Роза, погледни ме" се работи за еден англиски војник стациониран во овој град (во песната: Салоника) кој се заљубува во една Гркинка: „Ох Роза, погледни го/Овој беден измачен човек/Таа еднаш фрли поглед на него одозгора/А потоа исчезна како ластовица/која се појавува на прозорецот...".
Иако ова се навидум сосема неконтроверзни љубовни стихови, наведувањето на локацијата била спорна, бидејќи Солун е градот каде сојузничките трупи биле испратени во текот на Првата светска војна по неуспешниот обид познат како „Галиполска кампања“ да гo oсвојат Константинопол (Истанбул) од Турците - историски момент на пораз кој требало да биде заборавен. Издавачите исто така биле уплашени да не завршат на суд, со оглед на тоа што Лоренс во Британија еднаш веќе ја доживеал таа судбина, кога примероци од неговиот роман „Виножито“ по судска пресуда за неморал биле запленети и уништени.
Но дури и она објавеното било двојно уништувано - еднаш заради цензурата, а втор пат заради неквалитетните уреднички интервенции (од сосема несоодветна интерпункција, до посериозни промени), кои толку го изобличиле оригиналниот текст, што во случајот со песните довело до тоа читателите да можат да сфатат единствено дека се напишани од Лоренс, и дека магловито се однесуваат на војната. Со нивното објавување без цензура и без уредничките шртаници по текстот, сега барем ќе можеме да сфатиме што е тоа што Лоренс сакал да го каже, и дали навистина го бивало како поет.