Речиси сета севернокорејска проза на англиски која е достапна денес е напишана од дисиденти и „отпораши“. Но писателот Паек Намнјонг не е ни тоа, ни тоа. Тој десет години работел во челичарница пред да се запише на Универзитетот Ким Ил Сунг за да студира литература. Потоа станал дел од елитна група писатели познати како „Единица за книжевна продукција 15 април“. Таа била посветена на пишување митски биографии на Ким Ил Сунг и Ким Џонг Ил.
Преведувач на англиски на неговиот роман „Пријател“ е Имануел Ким, професор по севернокорејска книжевност и филм на Универзитетот Џорџ Вашингтон. Тој пред да почне со преводот заминал за Северна Кореја за да се сретне со авторот и подобро да се запознае и лично со него, и со неговото дело.
Во интервју со Ким на ЛитХаб, тој објаснува дека дознал за романот во тек на негово истражување од 2009. Ги поминал сите „препорачани“ севернокорејски дела, ги исчитал сите книжевни списанија од 1960-1990, но сето она на што наидувал му ги потврдувало стереотипите, дека станува збор за пропаганда без речиси никаква книжевна вредност. Кога почнал да ја чита „Пријател“, работите веднаш се промениле. За разлика од останатите севернокорејски романи кои повеќе се занимаваат со контекстот, а дејството почнува некаде на средината на книгата, тука драмата почнува од првата страница. Жена на околу 30-годишна возраст во суд поднесува тужба за развод. Додека судијата се обидува да ја дознае нејзината приказна, и читателите се запознаваат со минатото на парот, со љубовните интриги и со начинот на кој нивниот брак со текот на времето се распаѓа. Истовремено, судијата се идентификува со приказната, поради проблемите во неговата сопствена врска.
Иако преведувачот дознал дека книгата е „бестселер“, таа не можела да се најде на официјалната листа на препорачани четива која ја издава партијата, а вклучува хагиографии на водачите, дела за борбата против Јапонците во текот на колонијалниот период, историја на Корејската војна и слично. Но книгата самата си го нашла патот помеѓу луѓето, кои сега го сметаат Намнјонг за свој Том Кленси или Стивен Кинг.
Книгата е во суштина прилично мелодраматична, мешавина на мистерија и љубовна приказна. Според преведувачот, Корејците се генерално многу сентиментални, а љубовните и семејни филмови се начин (повторно) да се пласираат политички пораки. Но во „Пријател“, која се фокусира на семејното заедништво, не се спомнува ништо во врска со Ким Ил Сунг (тогашниот лидер), ниту пак некакви алегории на односот помеѓу Северна и Јужна Кореја. Авторот едноставно гледал низ прозорецот на Друштвото на писатели каде што работел на третиот спрат, како луѓето влегуваат во Основниот суд, кој се наоѓал на првиот спрат. Меѓу нив и парови кои чекале рочиште за разводи. Книгата не ги следи ниту стереотипните родови улоги - во неа таткото е оној кој останува дома и се грижи за децата, додека жената гради кариера вон домот. Додуша во еден бран на севернокорејска литература од 1980-тите многу се зборувало за силата на жените, но тоа било повеќе затоа што на општеството му требале трудољубиви работнички, кои би се гордееле со своите постигнувања. Сепак, тие ги бирале родово типичните професии: болничарки, учителки или готвачки.
На Амазон книгата се рекламира како „Пријател: роман од Северна Кореја“. Очигледно контекстот во кој е настаната е дел од маркетингот. Сепак, нејзината приказна, според зборовите на преведувачот, е универзална.