Едит Болинг Галт била вдовица на сопственик на златара од Вашингтон кога се омажила за Вудроу Вилсон, исто така вдовец. Свадбата се случила на 18 декември 1915, со што Вилсон станал вториот (и засега последен) американски претседател кој се оженил за време на мандатот.
Едит била по потекло од сиромашно семејство и далечен потомок на Покахонтас. Почнала да студира но заминала од факултетот поради една банална причина - нејзината студентска соба била премногу студена. Наместо тоа одбрала да се омажи за многу постар маж чие семејство држело стара и разработена златара. Родила син но за жал бебето умрело за неколку дена. По 12 години брак, таа станала богата вдовица. Почнала да патува често за Европа и се носела според последната париска мода. Во Вашингтон луѓе излегувале на улица за да ја гледаат како вози автомобил - единствена жена која го правела тоа.
И покрај богатството и добриот изглед Едит не била прифатена во високите кругови, бидејќи ѝ недостасувало добро образование и прифатлив брачен статус. Сето ова се променило кога во неа, на прв поглед, се заљубил самиот претседател на САД. Неговите политички советници биле во паника - ем тој бил подготвен да споделува државни тајни со жена која ја познавал само три месеци, ем се наближувале и изборите на кои требало да победи и да добие втор мандат. Да се ожени само по една година од смртта на жена си било лошо за јавното мислење и можело да доведе до негов пораз.
Советниците смислиле план: изготвиле лажни љубовни писма кои наводно ги напишал Вилсон, до Мери Пек со која тој имал вистинска врска, и ги подметнале кај медиумите. Целта била да се понижи Едит и таа самата да ја прекине врската.
Но тоа не се случило. Бракот е склучен, а Вилсон сепак го добил вториот мандат и ја повел нацијата во Првата светска војна. Неговата сопруга станала негов главен советник - таа имала пристап до класифицирани документи и до тајни воени кодови, како и до целата пристигната пошта. На инсистирање на претседателот била присутна на сите негови состаноци, по што му давала детални проценки на политичките фигури и странските претставници. Ако сметала дека се несоодветни, тогаш им го блокирала пристапот до него.
Кога војната завршила, Едит го придружувала Вилсон во Европа каде му помагала да го испреговара и да го потпише Версајскиот договор, како и да ја презентира својата визија пред Лигата на народи за да спречи идни светски војни. Кога Вилсонови се вратиле во САД сепак се соочиле со горчливата реалност - претседателот наишол на огромен отпор помеѓу републиканците кои не се согласиле со неговата идеја за улогата на Лигата на народите.
Иако бил исцрпен, Вилсон инсистирал да ја помине целата земја со воз и да ги убедува противниците. Во 1919 при еден од неговите настапи колабирал од умор, а кога пристигнал во Белата куќа доживеал и срцев удар. Било јасно дека не може да ја исполнува претседателската функција во целост.
Едит ги зела работите во свои раце - не дозволила претседателот да даде оставка ниту пак на негово место да дојде потпретседателот. Ги фингирала лекарските извештаи кои пристигнувале до медиумите, кои велеле дека Вилсон е само „индиспониран“. Кога неговите соработници доаѓале да се видат со него носејќи со себе куп документи, таа ги разгледувала самата и потоа одлучувала што ќе внесе во спалната соба кај болниот. Нејзиното „владеење“, како што многумина го нарекле, траело 17 месеци. Но некои конфронтации кои таа ги имала со тогашните политичари имале големи последици. Кога слушнала дека државниот секретар одржал состанок без да добие дозвола од Вилсон, таа направила сè за тој да биде отпуштен.
Сепак, најголемата штета настанала кога госпоѓа Вилсон инсистирала да биде отпуштен понизок службеник на Британската амбасада, поради виц на нејзина сметка. Доколку тоа не биде сторено, рекла таа, нема да бидат прифатени акредитациите на тукушто пристигнатиот британски амбасадор, кој требало да му помогне на претседателот да ја исполни идејата за Лигата на народите. Бидејќи амбасадата не сакала да се извини, тој се вратил во Лондон. Нејзиниот инает и каприц така трајно ја осуетиле идејата за опстојување на оваа значајна организација, што имало директна врска и со следната, Втора светска војна. До својата смрт во 1961, поранешната прва дама сепак инсистирала дека никогаш не ги презела претседателските функции - само му помагала на сопругот.