Во интервју за Uproxx, Брн ги објаснува мотивите зад новиот албум и континуитетот со неговата претходна работа. Пренесуваме делови:
Во вашата книга, „Како функционира музиката“, напишавте дека контекстот го одредува она што е напишано, насликано, извајано, испеано или изведено. Се прашувам кој е контекстот на овој албум?
Ми ги плеснавте моите зборови во фаца! Па, има различни работи. Најгенерално, се инспирирав откако добив снимки од Брајан Ино, и како што ме дал господ почнав да ги моделирам во песни. Тоа е првиот контекст. Што се однесува до стиховите, тие се повлијаени од светот кој го сведочев околу мене. Не сакам да пишувам за ништо директно. Можеби сум загрижен за одредена политичка ситуација, но би било ограничувачки да пишувам специфично за неа или за некој конкретен проблем, затоа што чувствувам дека така песната може да застари. Не мислам ни дека тоа е нешто посебно ефектно. Климата, политичката клима, социјалната клима, сето тоа имаше огромен ефект.
Сепак со публиката резонира чувството кое виси во воздухот, а кое бара да се каже „Претседателот е срање“ во песна.
Да, точно. Но иако е чудно, голем број од песните се напишани пред изборот на Трамп. Така, иако звучат како да имаат врска со она што се случуваше минатата година, всушност се напишани претходно, што само покажува дека нештата не се од од минатата година, или од минатите шест месеци, туку дека постоеле под површината и претходно.
(првиот сингл од албумот, Everybody's Coming To My House)
Во соопштение по повод излегување на албумот изјавивте: Голем број од луѓето не се среќни со светот во кој живеат. Се сметате ли за еден од нив?
О, да, апсолутно. По природа мислам дека сум прилично радосен и среќен, но тоа не значи дека сум задоволен или среќен со тоа како стојат работите и со она што го гледам околу себе.
На кое ниво, политичко, општествено, културно?
Главно политички, општествено и економски. И мислам дека ова важи за голем број луѓе, и дури и не е ни важно на која страна од политичката ограда си. Луѓето од сите опции чувствуваат таков вид незадоволство.
Како одговор на коментарот на Трамп за „шитхол“ земји направивте список песни под наслов „Убави ќенефи“ кој ја покажува „длабочината и опсегот на креативност кои доаѓаат од земјите на Африка и од Карибите“.
Си помислив, слушни ја оваа поплава од креативност во музика и радост на овие луѓе кои тој комплетно ги отфрла. Сигурен сум дека нема да ги слуша, но тоа беше нешто што морав да го сторам. И вие морате, не може тоа да помине така.
Која книга сте ја прочитале последна?
Се вика „Еволуција на убавината“ од тип по име Ричард Прам. Се однесува на Дарвиновата теорија на сексуална селекција и како таа била маргинализирана, а објаснува многу работи. Ми се виде многу интересна.
Претходно: Сакате да позајмите книга од Дејвид Брн?