Таа е приказна за тоа како забораваме да се чудиме, и е посветена на оние ретки моменти кога во навидум сосема обични околности се потсетуваме на таа наша загубена дарба - да направиме чекор назад, и на нештата да им се радуваме како да се случуваат за прв пат.
***
Растен сум со Фолтин, и како музика и како бенд и како луѓе и како уметници и како сограѓани (има многу „и како" па ќе застанам). Сум ги гледал на проби, на концерти, и сум следел како се менува нивниот настап, како се збогатува и како од обичен концерт се претвора во случка, која во себе има и театар и хумор и страст и лага и сочност и поезија, и се разбира, нивната музика и појава. Но никогаш не сум бил на настан каде сите присутни ги гледаат за првпат и воопшто немаат слушнато за нив и, да бидам искрен, не се имав ни замислено дали тоа ќе биде нешто различно, подобро или полошо. Бев и на првиот нивен концерт, но таму повеќето ги познаваа, значи ништо приближно.
Некакво маало, на крајот од Минхен, некогаш одлучило да одвојува пари од буџетот и да си организира фестивал, еднаш на две години. Сите си се комшии, па фестивалот го организираат волонтерски. Директорот на фестивалот, по некаква случајност пред неколку години ги гледал Фолтин во Холандија и се потрудил тие да гостуваат на овој фестивал. Јас одам со Фолтин, нели за дружење и да им помогнам во шоферлукот. Во еден момент сме таму, тие се наместени и концертот треба да почне.
Под еден шатор има фрлено слама, наместено бина, на неа Фолтин, а околу шаторот има други шатори со храна, пиво, друга бина и многу народ. Луѓето таму не ги познаваат, па организаторот ги најавува како дечки кои во еден ден пропатувале 2000 километри за да свират таму.
Публиката е составена од дваестина луѓе кои си послаа ќебиња и си легнаа на нив. Јас со Буштуро (пријател на Фолтин) и некои негови пријатели стоиме поназад и гледаме: народ врие, но се вртат околу храната или си седат некаде настрана. И малкуте пред нас и многуте зад нас ги имаше на возраст од 10 години до 80 години.
Отидов позади шаторот каде што се спремаа Фолтин за настап. Имав многу трема, чудно, како да треба јас нешто да правам на сцена. Фактот дека има толку малку публика дополнително ме збучи. Ај малку публика, плус Германци, а за нив колку да е клише велат дека се ладни и сериозни. Па реков да му кажам на некој. Го гледам Пеце Николовски (инаку брат ми) и му велам: „Абе... ова некако матно со публика... шо велиш? Плус овде... ко шо гледам, никој не ве познава." А Перо ми враќа: „Не се секирај, само да почниме."
Концертот започна и некои од луѓето кои беа околу шаторот како да се заинтересираа, и како да набљудуваа од далечина дали ова ќе си заслужи да му се приближат. Неколкумина сепак одлучија дека треба да се приближат и публиката на втората песна е триесетина, заедно со оние легнатите. Си велам ни лук јал ни лук мирисал, ќе исвират и утре се враќаме. И така никој не ги слушнал, повеќето беа премлади или престари, ништо страшно.
Додека беше втората песна, оние кои „ѕиркаа" од надвор, полека, полека веќе беа внатре, а други се наместија да „ѕиркаат". На третата песна, значи немаа поминато ни десет минути од почетокот, оние што беа застанати назад, велиме за да го вкусат нештото, сакаа да се приближат повеќе до бината но како да се срамеа да им го прекинат раетот на легнатите, но кон крајот на песната, претпоставувам си рекле срам-несрам ќе одиме понапред.
Во тој момент имаше повеќе од двеста луѓе, а до мене имаше една возрасна жена која беше дојдена со нејзината мајка. И двете се заинтересираа премногу за сè околу музиката и бендот. Ние си ги потпевнувавме песните, па тие не запрашаа што точно се кажувало. Иако беше многу гласно, се обидов нешто да им преведам.
Во еден момент ме слушаа, а во другиот ме прашаа дали ќе има и друг театар во концертот. Се вртам кон бината и гледам една од точките што ги прави Бранко (вокалот на Фолтин). Постољето од микрофонот го држи на рамена, како крст, полека тежината го совладува и тој почнува да паѓа. Мене тоа ми е нормално, затоа што ја знам таа точка и кога ќе ја прави. Но публиката околу мене наеднаш се смири... гледаа премногу сериозно и мирно, и дури по погледот и по однесувањето можеше да се прочита од нив, нешто како, 'овие се подигруваат со нашата религија' или ’зошто сега мешате вакви работи?'. Ако до тогаш атмосферата изгледаше како шарени балони кои пукаат и повторно се појавуваат, сега се претвори во кал, во цело блато. Бранко е паднат на земја и кажува: „O, lord... please... don't let me be misunderstood!" Публиката на ова реагираше како некој да им извадил заглавена коска од риба во грлото.
Тогаш разбирам дека она што за мене е концерт на Фолтин, за нив е нешто многу поинакво, но во секој случај премногу интересно и премногу несекојдневно. Јас им кажувам за песната, едната ме прашува друго, а другата им кажува на други, па тие на трети. Во исто време, пееме, играме, пиеме. Нема повеќе луѓе кои се легнати, нема место за такво нешто. Пред бината има повеќе од триста луѓе, а надвор од шаторот уште многу други, но за нив нема каде, па стојат и од таму гледаат и слушаат.
Наеднаш, тие што не се познаваа се први другари, бариерата на јазиците повеќе не постои, очите на сите им светат. Германците биле ладни... тикви со расол. И да има вистина во тоа, тогаш и таму тоа сигурно не беше така. Сите се забавуваат онака како што сум навикнат да ги гледам луѓето на Фолтин.
Концертот заврши, а луѓето не сакаа да си заминат. Прашуваа сешто, кажуваа импресии, како наивни деца на чие лице се гледа дека се среќни.
Уште половина час по завршувањето им раскажував на луѓето што ги запознав околу мене и за првпат се најдов во ситуација да одговарам за работи на кои сум толку навикнат, што сум заборавил дека постојат. Целото шаренило на секоја вечер помината со Фолтин тогаш ми беше најсилно. Бидејќи ме прашуваа, јас како самиот за себе повторно да ги открив Фолтин. Бидејќи им одговарав, Фолтин успеа да ме изненади со нешта што сум ги гледал многу пати, со работи кои ги знам.
Можеби е лошо, но морам да си кажам дека им завидував на сите тие што беа првпат со Фолтин, а и на оние што во иднина ќе го направат тоа.
Димче Николовски
Песната на која Бранко обично ја прави „стојката“ со крсто, на концерт во Љубљана