Од ординацијата на д-р Остојиќ

Протеини и поезија

Што се случува кога еден бодибилдер ќе се сретне со острата поезија на Дамир Авдиќ? Прво ќе се разгневи, а потоа ќе му се присака ракија и ќе му дојде да пцуе. Чаре: фикциотерапевт и забрана за поезија.

Почитуван докторе,

Јас сум Мики, бодибилдер или, како што велите вие кои се занимавате со литературниот јазик, телоградител. Знам дека е чудно што толку силен човек како мене се јавува на доктор, но животот на одличниот атлет бара многу големо внимание од лекар. Ако сакаш да бидеш професионален билдер потребно е да го негуваш телото, да внимаваш на исхраната, и особено да го дозираш внесувањето на протеини и идеали во себе.

Нема да ве гњавам со детали од целиот мој тренинг, за вас е важно само да знаете дека ние билдерите читаме многу поезија. Вистинските машки сонети создаваат уште поголеми мажишта од нас, а еден силен слободен стих го ослободува нашето тело од секое ограничување. Арнолд Шварценегер го читаше Бернард, Халк Хоган ги читаше битниците, а еден од најсилните луѓе на светот, Англичанецот Доријан Јејтс толку читаше што дури и го смени името и презимето во чест на големите поети (не можам сега баш да се сетам на кои).

Но, познато е дека читањето на погрешни песни со неправилен читателски пристап може да биде кобно по телото. Токму тоа ни се случи на дечките од клубот и на мене лично. Тренерот убаво ни рече: „Не го читајте Авидиќ! Прејак е за вас, прво ќе ве напумпа, а потоа ќе се издишете како балони!". Но ние будали не го слушавме, туку ја прочитавме збирката Каде сестро.

Прво почувствував неизмерен наплив на енергија, но потоа почна да се случува нешто чудно. Почнав да размислувам за политика и за нашата држава (за што претходно немав мислено), а потоа почувствував страшна лутина кон сите тие срања низ кои минуваме. Почувствував потреба за агресија и за газење на сите живи околу мене. Тоа не е добро, затоа што јас сум телоградител, а не телорушител. Проблемот најдобро се гледа во неговата песна „комунист плус", каде татко му на Авдиќ му вели да испие една ракија и да испрати сè во 3 пи*ке материни. И моето тело се двоими помеѓу планот на таткото и планот на мајката, што е лошо, затоа што всушност немам амбиција никого да испраќам во пм, туку само сакам да одам на светско првенство и да освојам медал. Докторе, помогнете ми да ја спасам кариерата! Ако се отарасам од ова опасно размислување, никогаш веќе нема да прочитам ниту една песна, туку ќе се билдам само по природен пат!

ОДГОВОР

Почитуван Мики!

Во денешниот професионален спорт претерувањето со вештачки и уметнички препарати ги надминува сите граници. Бројни спортисти имаат големи проблеми со срцето заради лековите кои ги земаат секојдневно, а битно помал (но сепак значаен) проблем претставува читањето поезија од спортски мотиви. Песните имаат прегуста концентрација на значења и слики за да се земаат во толку големи количини, а поетскиот ритам често го пореметува секојдневниот спортски ритам на професионалците. На спортистите во почетокот поезијата им помага затоа што им дава елан, но потоа се случуваат нуспојави од читањето песни: спортистите несреќно се заљубуваат или размислуваат за смисата на егзистенцијата, понекогаш не спијат правилно туку цела ноќ гледаат во ѕвезди, а понекогаш губат концентрација во тек на натпреварите затоа што вниманието им го привлекува некој убав цвет.

Поезијата на Авдиќ е особено опасна со оглед на тоа што ги поттикнува спортистите на критичко размислување и за изразување на интензивни емоции кои не се во описот на спортот со кој се занимаваат. Авдиќ е познат под прекарот Босански психо, самиот свири гитара и снима рок албуми, но како влијанија ги наведува Ниче и Ремарк. Порати тоа би сакал да го видам и Авдиќ во мојата ординација, акде би му сугерирал да свири во некаков смут џез бенд, и да пишува поезија под влијание на Видриќ или езерските поети. Со оглед на тоа што (уште) не сум во состојба да го сторам тоа, морам да ги лечам читателите кои пренагло се сретнале со неговата остра поезија.

Вие имате среќа што сте спортист, затоа што за лечење можете да се јавите кај спортски фикциотерапевт. Вас веројатно ве чека троделна книжевна терапија: прво ќе го прочитате Кафка да ве збуни, потоа Декарт да ве вразуми, а на крај Хомер да ве мотивира за спортска борба. Со таква терапија се лечени бројни хрватски спортисти: Ивица Олиќ по повредата на коленото со недели го читаше Кафка, Ивица Костелиќ и денес е благодарен на Декартовата помош, а спортските амбуланти обврзно имаат своја библиотека со наведените дела. И вие затоа ќе се подвргнете на терапија и набргу ќе му се вратите на вашиот спорт полн со непоетски елан!

Д-р Остојиќ

8 јуни 2012 - 12:48